Видови на работна дозвола за Белгија

Како дополнување на статијата Како да најдете работа во Белгија, во прилог објавуваме информации за видовите работна дозвола кои можете да ги добиете од оваа држава.

Постојат три видови на дозволи за работа во Белгија.

1. Тип А  дозвола за работа  Работната дозвола А важи за сите вработени и платени професии во Белгија и важи на неодредено време. Тоа значи дека не сте временски ограничени колку долг период можете да работите во оваа земја.

За да се добие овој вид на работна дозвола, морате да бидете во можност да докажете дека сте работеле четири години со дозвола од тип Б, во рок од 10 годишен непрекинат легален престој во Белгија. Доколку пак сте државјанин на Алжир, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Мароко, Србија, Тунис, Турција или Хрватска, наместо 4 години, потребен Ви е доказ дека сте работеле 3 години. Ако Вашиот брачен другар, партнер или деца живеат со Вас, тогаш и во двата случаи барањето се намалува за 1 година.

Постојат одредени групи на работници кои не можат да аплицираат за ваков вид на работна дозвола, а тоа се: негувателки, приправници, работниците на привремена задача, истражувачи, технички експерти, како и членовите на семејствата на луѓето кои имаат тип Б дозвола за работа, се самовработени, или не им е потребна работна дозвола.

Кога аплицирате за ваква дозвола, мора да пополните молбен формулар и да ја прикажете Вашата дозвола за работа на тип Б, Вашиот извод од платен список и дозволата за престој во државата.

2. Тип B дозвола за работа  Оваа работна дозвола се издава за одредена работа за специфичен работодавач, со рок на траење до 12 месеци. Истата може да биде обновена.

За да може да Ве вработи, Вашиот работодавач мора да аплицира за дозвола за вработување за Вас. Овие дозволи се потребни ако не може да се најде белгиски или друг ЕУ граѓанин за конкретното работно место, или пак доколку се работи за некој дефицитарен кадар во Белгија, на пример истражувачи, високо квалификувани работници или технички експерти. Работодавците можат да вработуваат и хрватски државјани или долгорочни граѓани од други членки на ЕУ за овој тип дозвола за работа, ако работата е наведена како една од веќе споменатите.

Откако ќе Ви биде издадена дозволата, може да се јавите на белгиската амбасада во Вашата земја и да аплицирате за виза, а потоа да заминете на работа во Белгија кај конкретниот работодавач.

Важно: Ако го промените работодавачот, ќе Ви треба нова работна дозвола и нова виза за престој.

3. Тип Ц работна дозвола  Работната дозвола Ц е за одредени странски државјани кои ќе престојуваат во Белгија само привремено, како што се студенти, членови на семејството на конзуларни претставници, или пак лица чие право на престој не е потврдено, како на пример баратели на азил. Ваквата дозвола им овозможува на овие лица право на вработување во која било област, за период до една година. Ваквата дозвола може да биде обновена.

Европската сина карта
Европската сина карта е дозвола за престој која им овозможува на високо квалификуваните работници кои не се државјани на ЕУ, да живеат и работат во Белгија за повеќе од три месеци. За да ​​бидете вработени под „Сина карта“, Вие треба да си исполнувате следниве услови:
– да имате постојан, или најмалку едногодишен договор за вработување со белгиската компанија;
– да имате бруто годишна плата од најмалку 50.974 евра;
– да имате диплома за високо образование;

И покрај високите квалификации, Вие не ќе можете да добиете Сина карта ако сте долгорочен жител, сезонски работник, истражувач или сте биле испратени во Белгија од држава надвор од Европа.

Вашиот работодавач мора да добие привремена дозвола за вработување за Вас, а во исто време, може да аплицирате за Сина карта во белгиската амбасада во Вашата земја, или ако веќе сте во Белгија, можете тоа да го сторите преку бирото за странски државјани во општината во која живеете.

Откако привремената работна дозвола е издадена, ќе имате 90 дена да поднесете барање за Сина карта. Сините карти најчесто се издаваат со рок од 13 месеци, со тоа што истите можат да бидат обновени, сѐ додека се исполнети истите услови.

По второто обновување, картата важи за три години. По пет години, веќе ќе можете да аплицирате за статус резидент, при што ќе Ви се издаде електронска картичка.

Откако ќе имате Сина карта, членовите на Вашето семејство (брачен другар, партнер, деца) можат да добијат тип Б дозвола, доколку работодавачот има дозвола за вработување и за нив.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија