Данска отвори супермаркет за производи со поминат рок

Нордиските нации се познати по големата свест за животната средина, а овојпат Данска направи чекор кој навистина е за пофалба. Со цел да се искористат прехрамбените производи кои би завршиле како отпадоци, во Копенхаген се отвори нов супермаркет WeFood каде на производите ќе им се даде „втора шанса“. Имено, на полиците во овој маркет ќе најдете само производи со поминат рок на траење, или производи кои се оштетени, па поради тоа не би можеле да се продаваат во останатите супермаркети.

На овој начин, купувачите ќе можат да купат храна која инаку би била фрлена. Со тоа не само што ќе ја заштитат животната околина, туку и ќе заштедат пари, затоа што цените на производите во овој супермаркет се за 50% пониски.

Луѓето кои стојат за оваа идеја, се надеваат дека со ова ќе ги придобијат поборниците за заштита на природата, како и оние со „поплиток“ џеб.
„WeFood е првиот ваков супермаркет во Данска и има за цел да ги привлече не само оние потрошувачи со помали примања, туку и оние со развиена свест и грижа за животната средина. Време е да размислиме за последиците од храната која ја произведува земјата секојдневно, а завршува во отпад“, изјави Пер Бјер на отворањето.

Статистиките покажуваат дека секој ден во Данска се фрлаат по 700 илјади тони храна, а во светски размери станува збор за 1,3 милијарди тони храна – ситуација која министерката на животна средина на Данска ја оцени како неразумна. Данските власти решија да го намалат количеството храна која се фрла секоја година, а очигледно е дека досега со овој предизвик се справуваат одлично. Храната која се фрла веќе е намалена за 25% од предходните години.

Благодарение на соработката со други супермаркети и продавници, WeFood секогаш е снабден со широка палета на производи. Сепак, дали оваа храна е безбедна? Под терминот „рок на употреба“ најчесто се има во предвид свежината на производот, а не дали е штетен по здравјето. Се разбира, сите треба да сме внимателни и да ги избегнуваме продуктите кои се премногу стари, но истражувањата покажуваат дека секојдневно се фрла храна која сè уште може да се конзумира.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија