Како се купува автомобил на старо во Германија

На што треба да се внимава при купување возило на старо? Оние кои веќе го правеле тоа, добро ги знаат ризиците. На дел од тие ризици предупредуваат од германскиот авто-мото клуб (АДАЦ).

Во 2014 година во Германија биле купени 7 милиони користени автомобили- далеку повеќе отколку околу 3 милиони продадени нови возила. Севкупниот обрт од продажбата на возила на старо достигнува речиси 70 милијарди евра. Користените автомобили биле со просечна старост од 6,5 години. Типичниот купувач на користен автомобил е на 40-годишна возраст и за таа намена троши во просек околу 9.870 евра. Околу 40 проценти од Германците купуваат автомобил на старо од приватни лица. Останатите тоа го прават во авто-салоните.

Секогаш барајте проверка во сервис!
Експертот на АДАЦ, Кристијан Шефер, ги советува идните купувачи на автомобили на старо да го однесат возилото на детална проверка кај неутрална инстанца. „Јас лично никогаш не би купил автомобил на старо на слепо. Пред да ставам потпис на договорот, би барал техничка експертиза“, вели тој. Според него, возилото треба да биде проверено во сервис или од стручно лице. „Секако не може да се расклопи моторот, но на канал може да се види општата состојба на автомобилот- дали сопирачките се истрошени, дали има ‘рѓа на каросеријата, и други важни детали“, дополнува експертот.

Како да се одбере корисен автомобил?
Во градовите во кои се произведуваат автомобили често се наоѓаат подобри понуди. Најпрво треба да се открие соодветното возило. „Кој модел добро се продава на пазарот? Кој модел обезбедува поголема сигурност при патување? И не помалку важно – колку троши?“ Тоа се најважните прашања. Дури откако ќе го најдете најпогодниот модел, пристапете кон барање на најдобрата понуда. Зигфрид Треде од АДАЦ тврди дека поради големата конкуренција, цените во големите германски градови се далеку пониски во однос на оние во провинција. Треба да се обрне внимание и на градовите кои имаат авто-производители, вели тој. Тие многу често нудат квалитетни автомобили со мала километража и со старост до 3-4 години.

Не купувајте без пробно возење
„Независно колку е стар автомобилот, не го купувајте без пробно возење“, вели Кристијан Шефер. „И не возете само по неколку улички, продолжете и неколку километри на автопат. Само така ќе можете да оцените дали автомобилот ви одговара или не“, советува тој. Притоа не дозволувајте продавачите да ве стават во цајтнот. „Многу често продавачите тврдат дека имаат и други муштерии за да го стават купувачот под притисок и да го убедат побрзо да го потпише купопродажниот договор“, советува правничката на АДАЦ, Силвија Шатенкирхнер.

Измами на интернет
Има и други опасности – на пример фиктивни огласи за продажба на автомобили од други земји на ЕУ, кои служат само за да ве привлечат. Тоа е чест случај на интернет. Важно е да се знае дека таквите договори можат да бидат обжалени или анулирани само доколку автомобилот не одговара на она што е ветено во понудата. Многу често измамниците се служат и со други трикови. Продавачот е некаде во странство и бара аванс за да го „транспортира“ автомобилот до Германија. Но доколку автомобилот не ги исполнува очекувањата, тоа за купувачот значат фрлени пари во „бунар“. Со години наназад германската иницијатива „Сигурно купување автомобили на интернет“ се бори против махинациите на измамниците кои постојано измислуваат нови методи. „Пред да го видите автомобилот немојте да плаќате ниту цент“, велат од АДАЦ.

Што е уште важно?
При контролата на старо возила треба да се испочитуваат неколку основни правила, велат експертите. Проверете дали гумираните површини на страничните стакла и на вратите се меки. Доколку се тврди или испукани, тоа значи дека автомобилот е прилично амортизиран. Фаровите – работат ли сите светилки? Гумите – доколку се нерамнорно потрошени тоа значи дека нешто со предницата не е во ред! Маслото бара посебно внимание. Видливите траги од масло на моторот или на менувачката кутија се сигнал дека следува скап ремонт. Бојата – нерамномерност, разлики во нијанси и затемнети места наведуваат на скорешна сообраќајна незгода. И ауспухот треба да биде во исправна состојба!

Извор: dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија