Колку доселеници ѝ се потребни на Германија?

Европа мора да соработува потесно за да излезе на крај со брановите мигранти, бараат експертите. Тие наведуваат зошто земјата треба да се радува поради доселувањето.

Ваквиот третман на бегалците не смее да продолжи – ова е итниот апел кој членовите на Експертскиот совет за интеграција и миграција (СВР) го упатија до германската и европската политика. Стручњаците особено го критикуваат системот за управување со бегалски бранови познат под името „Даблин 2“. „Тој е неуспешен“, оценува претседателката на СВР, Кристине Лангенфелд. Бегалците всушност требаше да останат во земјата каде првпат стапнале на територија на ЕУ.

Реaлноста, меѓутоа, е поинаква. „Од 45.000 Сиријци кои пристигнале во Италија, таму се останати само неколку стотици, а остатокот Италијанците го ’пропуштија натаму’“, вели Лангенфелд. Со оглед на тоа што „Даблин 2“ им создава големи тешкотии на земјите каде бегалците првпат стапнуваат на територија на ЕУ и не е во согласност со целите на бегалците, би било подобро однапред да се предвиди поголема слобода на движење во рамките на системот, смета таа.

Критиките на СВР меѓутоа не смеат да повлечат со себе откажување од постоечките постапки. Во својот годишен извештај под наслов „Меѓу доселеничките земји: Германија во меѓународна споредба“, експертите предлагаат: бегалците во иднина да смеат слободно да одберат каде ќе живеат во ЕУ, но откако ќе биде завршена постапката за азил. За тоа да може да се случува и во земјите каде бегалците доаѓаат првпат на територија на ЕУ државите партнери ќе мора да пружат логистичка и финансиска помош.

За возврат, земји како Грција, Шпанија, Малта или Италија ќе мора да соработуваат консеквентно, да обработуваат барања за азил и да се погрижат за соодветно сместување. Од тоа сите би имале предности: „Земјите на северот веќе нема да имаат работа со барања за азил и протерувања на лица за кои всушност не се надлежни, а земјите на југот нема да бидат оставени само со големите групи бегалци“, нагласува Лангенфелд.

Проблем при третманот на бегалците се различните причини за бегство. Азил следува само ако станува збор за политички прогон или закана по животот. Но, голем дел од луѓето од југот кои сакаат во Европа тука доаѓаат поради економската перспектива.

„За овие случаи имаме најмалку логични одговори“, признава Хајнц Фасман, професор по применета географија и уредување на простор на универзитетот во Виена. За тие случаи е можно само преземање долгорочни мерки. „Но долги години слушам за борба против причините за бегство, а никогаш не е преземено ништо сериозно во таа насока!“, им се лути Фасман на политичарите.

Научникот сепак укажува дека има проекти кои имаат добри изгледи да успеат, а за кои веќе се водат дискусии, како што се партнерствата за мобилност, при кои на мигрантите кои ќе сакаат да се вратат би им се помагало за нов почеток во татковината. Лангенфелд пак бара да се покаже „емпатија“ и „трпение“.
Поголемо доселување е демографски неопходно

Експертскиот совет жестоко пледира за поголемо доселување во Германија. „Бидете сигурни дека мигрантите ќе ја плаќаат вашата пензија“, аргументира Вилфрид Боз, професор по истражување на образованието на Техничкиот универзитет Дортмунд.

Актуелните податоци на Сојузниот уред за развој на населението ги потврдуваат тврдењата на Боз и неговите колеги. До 2060 година населението во Германија ќе се намали од сегашните 80,8 милиони на 73,1 милиони и притоа статистичарите дури сметаат со натпросечно доселување. Ако доселувањето биде помало, тогаш за 45 години во Германија можеби ќе живеат само уште 67,6 милиони луѓе. Една третина од нив ќе биде на пензионерска возраст. Во моментов бројот на пензионери изнесува една петтина од населението.

Членовите на Експертскиот совет оценуваат дека за потребното доселување нема соодветна општествена клима, нема култура на добредојде. „Стравот од мигрантите не‘ спречува да ги видиме шансите“, нагласува Боз. Инаку, генерално Советот оценува дека германската политика кон доселениците е добра. „Подобри сме отколку што мислиме“, вели претседателката на СВР, Лангенфелд. Таа е на мислење дека земјата има „напреден миграционо-политички инструментариум“. На одобрување особено наидуваат постапките за привлекување високообразовани луѓе и стручњаци. Според Лангенфелд, она што е неопходно е таквите посапки да бидат повоеќе и подобро пробвирани во странство.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија