Македонците во голем број се селат во Германија

Во последните пет години над 20 илјади македонски државјани се преселиле во Германија. Во најголем делстанува збор за млади луѓе кои не гледаат перспектива во Македонија. Трендот драматично расте од 2009 година.

Во периодот од 2009 до 2014 година, повеќе од 20 илјади македонски граѓани ја напуштиле својата земја и се доселиле во Германија, покажуваат податоците на германскиот Сојузен завод за статистика. Доколку се земе предвид вкупното население на Република Македонија според последниот спроведен попис, произлегува дека околу еден процент од населението само во последните пет години заминале за Германија. Притоа, во оваа бројка не се вклучени оние македонски државјани кои од разни причини си заминале или морале да ја напуштат Германија. Од регионот на Западниот Балкан, во истиот период, само од Косово заминале повеќе луѓе кон Германија.

Последните истражувања кои беа објавени во Македонија потврдуваат дека земјата полека но сигурно тоне во вителот на бесперспективноста. Анкетите покажуваат дека над 50% од младите сакаат да ја напуштат Македонија за да емигрираат некаде во Западна Европа, САД или Канада. На октомвриската собраниска дебата на оваа тема, опозицијата во Македонија тврдеше дека освен огромниот број иселени граѓани, преку 200 илјади Македонци земале и бугарски пасош. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија ваквите тврдења како неточни. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека благодарение на новоотворените работни места во Македонија, бројот на луѓе кои си заминуваат од државата се намалува.

Бранот започнува од 2009 година
Според анализите на Светска банка во периодот од осамостојувањето до 2010 година, од Македонија се иселиле над 470 илјади луѓе. Порастот на трендот на доселување на Македонците во Германија, говори токму во таа насока. Бројката на македонските државјани во Германија бележи постојат пораст од 2007 година наваму кога биле пријавени 62.474. Тој раст најпрво бил умерен, меѓу 2007 и 2009 година бројката се зголемила за едвај нешто повеќе од 400 луѓе, на вкупно 62.900 пријавени македонски државјани. Од 2009 година започнува подраматичен раст.

Веќе во 2010 година биле заведени три илјади нови Македонци, во 2012 бројката се зголемила за речиси 10 илјади и достигнала околу 73 илјади. Конечниот број на македонски државјани кои се пријавени и имаат документи во некоја германска општина во 2014 година достигнал речиси 84 илјади луѓе. Во 2014 година од Германија си заминале вкупно 8.100 македонски државјани, а „нето“ приливот, според Заводот за статистика, бил нешто над 6 илјади луѓе. Најголемиот дел од Македонците кои дошле во Германија во 2014 година биле на возраст меѓу 20 и 45 години, севкупно околу 6.800 луѓе.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, коментирајќи го трендот на масовно иселување од Македонија, неодамна за ДВ оцени дека македонското општество е навлезено во длабока метастаза, и дека се потребни итни и радикални промени за тоа да се врати на вистинскиот пат.

Деновиве објавената студија на Фондацијата Фридрих Еберт уште еднаш ги потврди стравувањата дека Македонија е соочена со егзодус на младите луѓе: повеќе од половина од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома.

Лична карта на македонскиот „гастарбајтер“
Според статистичките податоци, македонскиот државјанин кој живее во Германија во просек е на 36-годишна возраст, живее или работи во земјата 18 години, жените почесто се во брак од мажите, и само 16 проценти од вкупната бројка се родени во Германија.

Според старосната категорија, најбројни од Македонци кои имаат постојан или привремен престој во Германија се лицата на возраст меѓу 35 – 45 годишна возраст, вкупно 19.495. Веднаш зад нив е групата на возраст меѓу 25 и 35 години – речиси 16 илјади. Од околу 51 илјада македонски државјани во Германија на возраст меѓу 25 и 65 години, само 3.500 се родени во Германија. Останатите се доселиле од Македонија или евентуално од трети земји.

Меѓу македонските доселеници и периодите во кои доаѓале во Германија може да се направи јасна дистинкција и според дозволата за престој која ја издаваат германските општини. Најбројни се доселениците кои веќе 20 до 25 години имаат дозвола за престој , вкупно 13.487. Но веднаш зад нив се „тазе“ доселеници чиј престој не надминува четири години, вкупно 12.800 лица. Околу 8.300 македонски државјани имаат дозвола за престој за една година или помалку. Речиси 13 илјади македонски државјани во Германија имаат нерешен статус, односно или немаат дозвола за престој – 5.900, или поседуваат ткн. Дулдунг (статус на толерирано лице). Кај овие лица во голем дел станува збор за баратели на азил кои, како што во повеќе наврати потенцираа германските власти, немаат право да го добијат бидејќи доаѓаат од ткн. сигурна земја на потеклото.

Најбројна македонска колонија има во покраината Северна Рајна Вестфалија. Во богатиот индустриски запад на Германија живеат повеќе од 30 илјади Македонци. Трендот на доселување во оваа покраина трае веќе со децении, што е и разбирливо имајќи предвид дека таа е центарот на тешката индустрија и на многу светски познати компании. Македонците најмалку ја „љубат“ покраината Мекленбург Предна Померанија. Таму на германските власти им недостига само уште еден Македонец, па да ја заокружат бројката на на точно 200 доселеници од оваа земја.

Извор: dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија