Македонци и на 50 години бараат работа во странство

Катар, Дубаи и Абу Даби се на листата на ветени дестинации за младите кои бараат работа во странство и кои во таквата авантура влегуваат и на 19 – годишна возраст. Не е мал бројот и на оние македонски граѓани кои решаваат да тргнат на печалба и многу подоцна, надеваќи се дека ќе одговорат на критериумите на странските работодавачи кои бараат пред сè сериозни професионални квалификации и познавање јазик.

Македонските граѓани во потрага по подобра живеачка се подготвени да ја бараат ветената земја и на педесетгодишна возраст, во години кога можеби е прерано да се откаже човек од предизвикот, но и предоцна да се почне нов живот надвор од сопствената земја. Сепак, тоа е новиот тренд за кој дознаваме од агенциите кои посредуваат при наоѓање работа во странство – се поместува старосната граница на македонските граѓани и се движи од 19 до 55 годишна возраст и нагоре. Се уште најатрактивни се крузерите, бродовите за крстарење, како и државите од Арапскиот полуостров. Европа ги поттикнува своите граѓани да работат насекаде низ стариот континент, а во истовреме дел од европските држави ставија мораториум за вработување на странска работна сила од неевропски држави.

Според агенциите кои посредуваат при наоѓање работа во странство профилот на лицата кои бараат работа е шаренолик, бидејќи не постои некоја стриктна поделба по стручност или по возраст.
„Побројни се младите на возраст од 19 до 27 години, но се почесто се појавуваат и лица над 40 години“, објаснува Зоран Кочоски, прв човек на „Коузон Корпорацијата“ во Скопје, која има свои претставништва во 14 држави во регионот и пошироко.
Според него, овие лица притиснати од потребата за поголеми средства за посериозни инвестиции во животот, се определуваат да бараат работа преку која би можеле да заштедат.
Сè почести се случаите кога и пензионирани граѓани од Македонија решаваат да одат на работа во странство. Работоспособните граѓани често се одбивани од странските амбасади и не успеваат да добијат ниту туристичка, ниту работна виза.

„Кога син ми не го пуштија да отпатува во Америка, јас решив да поднесам документи во амбасадата“, објаснува 60-годишниот пензионер од едно струмичко село, кој отпатувал во САД заедно со сопругата на крштевка и останал да работи на „црно“.
За тешка физичка работа – демолирање, тој сега заработува 100 долари на ден, а неговата сопруга е платена по 9 долари на час како хигиеничарка во приватни станови.
„Сепак, компаниите кои ги ангажираат знаат дека овие лица се илегалци со несредени документи и затоа им плаќаат минимално. Еве на пример, жените кога ги превезуваат од една на друга локација за чистење, не им е платено времето за транспорт“, објаснува Марина В., која веќе десет години живее во САД. Таа и нејзиното семејство таму мигрирале откако добиле зелени карти на американската лотарија.

Австралија, Нов Зеланд и Канада се единствените држави кои нудат регуларни владини програми за емиграција врз основа на работни или стручни квалификации.
„Сепак и овие држави во многу ги заострија условите за добивање на т.н. иселенички визи. Постапката за добивање на овие визи трае од 1-2 години во кој период кандидатите треба да приложат повеќе сертификати за квалификуваност, т.е. дипломи за завршено образование, работно искуство и положени интернационални тестови за познавање на англискиот јазик“, објаснува Кочоски.

Канада нуди емигрантски визи за околу 25 професии кои се дефицитарни, а тоа се: професии од природните и техничките науки, одредени занаети, како електричар, заварувач и слично.
„Постапката трае со години и чини најмалку 1000 евра Освен по дефицитарноста, кандидатите се ценат и по тоа дали добиле понуда за работа, задолжителна е факултетска диплома, а многу бодови се добиваат за семејство. Положените тестови за англиски и француски јазик ИЕЛТС и ТФЦ се задолжителни. Парадоксално е тоа што канадските работодавци инсистираат на канадско образование и работно искуство. Тоа значи дека секоја македонска диплома треба да се нострифицира, а потоа да се работи како почетник во професијата и сето тоа трае со години додека се стигне до полна плата. За Канада се аплицира на федерално ниво, но може и преку провинциските програми, но сите тие бараат да покажете дека сте добиле покана за работа од Канада. Исклучок е провинцијата Квебек, но таму се инстистира да одлично познавање на францускиот јазик“, објаснува Сашо Ј., кој има намера да имигрира во Канада.
Оваа година Канада воведе нов систем на имиграција според кој прво им ги нуди кандидатите на компаниите, па ако покажат интерес, дури тогаш ја започнува процедурата за имигранска виза, која наводно во овој случај би траела многу пократко.

„Инаку Канада е попривлечна за Македонците бидејќи за разлика од САД е социјална држава и има многу работа, негативно е тоа што платите се помали во однос на другите западни земји, а проблем се  и многу ладните зими“, вели нашиот соговорник Сашо Ј.
Статистиката на агенциите говори дека во споредба со сите баратели на работа, брачните парови кои се одлучиле да отпловат во странство се само 5 отсто од вкупниот број. Сериозни професионални квалификации и познавање јазик се критериуми кои странските работодавачи се почесто ги бараат од апликантите.

Поради овие причини генерално опаѓа интересот за вработување во странство, работодавачите бараат познавање на странскиот јазик во државата каде се вработуваат лицата, сериозни работни квалификации и огромна желба за напредување во професијата за која се аплицира.
„Моја лична оценка е дека има повеќе работни понуди од реалниот квалитет на барателите на работа. Ова ќе го поткрепам и со една друга моја лична констатација која е поврзана со очекувањата на македонската работа сила која пред сè бара високо платени работни понуди, без да има сериозни квалификации за работата која се бара“, вели Кочоски.

Тој објаснува дека многу ретко може да се сретне барател на работа кој ќе праша: „Дали имате работа според моите квалификации“. Пред се  интересот, вели Кочоски, е насочен за најплатените работни понуди и оние места каде не се бара многу работно ангажирање.
„А такви работни понуди не постојат. Можеби ќе звучи изненадувачки, но, мал е процентот на барателите на работа кои се спремни да почнат да работат за плата од 1.000 долари туку бараат да им се понудат работни позиции над 2.000 – 3.000 долари“, објаснува раководителот на Коузон, кој има 18-годишно искуство во оваа област.

Според анализите на Коузон врз база на нивните апликанти, машката популација зафаќа 70 односно 80 проценти од барателите на работа во странство. Женската работна сила, е помалубојна. Старосната граница се движи од 18-30 (31) години.
Младиот Алексадар П., кој во Дубаи е две години, а работата ја нашол преку Коузон агенцијата во Скопје, вели дека многу од Македонците таму доаѓаат преку пријатели кои им наоѓаат работа во нивните компании. Или, пак, доаѓаат на еден месец со туристичка виза па бараат работа.

„Моментално сум вработен во Шератон, хотел со пет ѕвезди кој припаѓа на   корпорацијата Старвуд под која има уште други девет брендови на хотели. Работам како шанкер во коктел бар на плажа. Во Шератон сум веќе седум  месеци, претходната година работеввоа луксузен приватен клуб во кој бизнисмените плаќаат члеснтво, Капитал клуб Дубаи. Дубаи е убав град има многу да се види и да се научи. Во хотелиерството котира на прво место во светот. Па, за секој кој сака да се занимава со ова, Дубаи е добар почеток за неговата кариера“, препорачува Александар.
Сепак, вели дека Дубаи не го гледа како негово идно место за живеење. „Подготвен сум за нова авантура и нов предизвик. Пред да дојдам во Дубаи работев пет месеца кај чичко ми во Канада и од таму сум задоволен и многу веројатно пак да заминам  наредната година, но Македонија не ја гледам како опција за живеење и работење“, објаснува овој 25 годишен човек.

Студентката Сања С., во јуни годинава заминала на привремена работа во САД.
„И платив на агенцијата 2.000 евра за да дојдеме тука, тоа се пари за програмата и за карта.Сместувањето е многу лошо во еден стар хотел, каде на еден спрат има само две wц-а. Во собите има бубачки се викаат бад бугс, и многу е тешко да ги искорениш. Работиме како собарки и не плаќаат по 8 долари на саат. Јас работам и на втора работа за да можам да заработам доволно за да прошетам и за да ги вратам парите назад. Работам по 13 саати на ден. На работа не нè третираат добро“, објаснува за Инбокс 7, оваа студентка од Правниот факултет во Скопје, која за еден месец треба да се врати во Скопје и да ги продолжи студиите.

Од агенциите кои посредуваат при наоѓање работа во странство за Инбокс 7, изјавуваат дека најпопуларна работна понуда се вработувањата на големите крузери- бродови за крстарење. Овие работни понуди се атрактивни бидејќи се е обезбедено од старт што значи сместување, храна, гарантирана плата и најмногу од се можност да се напредува во струката.
Друга можност се државите на Арапскиот полуостров т.е. Катар , Дубаи и Абу Даби. Овие вработувања се атрактивни и од причина што за вработување се бара само познавање на англиски јазик кој реално го разбираат или зборуваат поголем процент од барателите на работа, во споредба со било кој друг европски јазик.

Работните понуди се во основа сезонска работа која се нуди претежно во летниот период т.е. од април до ноември. Работата на брод е утврдена на период од 6-9 месеци, а работата во државите на Блискиот Исток на период од две години. Најкраткиот работен договор е околу три месеци и е поврзан со работа во туристички дестинации во околните држави, објаснуваат агенците.

Најбарани се професиите кои се поврзани со ИТ секторот, занаетчиски и градежни работи и угостителство.
„За жал нема никакви понуди од страна на одредени држави, туку целосно се се одвива врз индивидуални работни понуди кои доаѓаат од компании. Само Германија има некои форми на централизирано вработување на дефицитарни професии“, вели Кочовски од „Коузон“.
Тој објаснува дека сите останати држави нудат само индивидуални работни визи кои се моментално дефицитарни, а добар дел од европските држави ставија мораториум за вработување на странска работна сила од неевропски држави, во кои спаѓаме и ние. Мораториум имаат Словенија, Италија, Хрватска.

За разлика од овие три држави од 1 јануари минатата година државите на Европската Унија ги отворија вратите за граѓаните со државјанства од Бугарија и од Романија. И покрај тоа што е голем бројот на македонски државјани кои поседуваат бугарски пасоши, агенциите оценуваат дека нема масовно заминување во ЕУ по кревањето на рампите.

Програмата на Европската Комисија- EURES  им обезбедува на граѓаните на ЕУ информации и совети за вработување во земјите на ЕУ, чии корисници се работниците и работодавачите, како и секој граѓанин врз основа на принципот на слободно движење на лица.

Извор: inbox7

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија