Миграциски агенти за Австралија

Австралија е земја на имигранти, хармонично мултикултурно општество на стотици етнички и културни групи, како и најразлични јазици. За новите имигранти, Австралија претставува безбедно пристаниште, земја која нуди квалитетно образование, одличен здравствен систем и безбеден живот.

Колку што потенцијалните имигранти сакаат да заминат на далечниот континент, толку Австралија има потреба од нив, за да го ублажи стареењето на населението и да го пополни недостигот на работна сила.

Австралија има комплексен систем кој постојано се менува и вкупно има 149 различни поткласи на визи. Работните и фамилијарните визи се приоритети на DIBP – Австралиското Министерство за имиграција и државјанства.

Но, исто така добредојдени се и студентите, туристите, хуманитарни работници, како оние кои во Австралија сакаат да основаат свој бизнис.

Што е миграциски агент?
Поради комплексноста на австралискиот систем за добивање визи, можете да се консултирате со миграциски агент. Овие агенти се лица кои најпрво мораат да се регистрираат во Управата за регистрација на агентите за миграција MARA, при што се обврзуваат да постапуваат според Кодексот за однесување.

По регистрацијата, агентите се прописно квалификувани за да можат да даваат квалитетни услуги и имаат за задача да се справат со законите со цел да го заштитат идниот мигрант или посетител. За да биде регистриран, секој агент треба да покаже солидни знаења за емиграционата политика и процедура. Откако ќе исконтактирате со некој миграционен агент, истиот ја презема одговорноста за изгледот на Вашата апликација за виза, се грижи таа да биде коректно подготвена и да бидат приложени сите потребни документи.

Агентот има постојани контакти со канцеларијата каде што се разгледува визата, а притоа треба да Ве информира за статусот на Вашата апликација, како и за промените во законите кои би можеле да влијаат врз истата.

Како можете да најдете миграциски агент?
За да најдете агент можете да го користите официјалниот сајт на МИА. На овој линк можете да пребарувате агенти според локација, области во кои работат, како и јазик.

Ако сте во потрага по конкретен агент, внесете го само неговото име и презиме и ќе можете да го видите неговиот целосен профил. Доколку не го најдете неговиот профил, тогаш веројатно не е регистриран во системот на МИА.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија