Нега на стари лица во Германија

Германија нагло старее и сè повеќе луѓе имаат потреба од нега. Од 1990-тите години постојано се намалува бројот на места за обука за негуватели, а се намалува и бројот на заинтересирани.

Андреас Вестерфелхаус од германскиот Совет за нега, кој е заедница на здруженијата за нега, вели дека проблемот е познат со години: „Политиката тоа го преспа. Многу рано почнавме да разговараме околу недостиг на лекари, притоа сосема заборавајќи дека има сличен, ако не и многу поголем проблем со структурен недостиг на негуватели. Знам голем број установи кои во меѓувреме нудат премии до пет илјади евра за вработените ако тие донесат нов соработник.“

Сите студии покажуваат дека бројот на стари луѓе на кои им е потребна нега енормно се зголемува. До 2025 година, според проценките на здруженијата, ќе бидат потребни плус 300.000 негуватели.

Многу установи, па и политиката, се насочени кон доселениците, пред сè од азиските земји. Германија постојано се обидува да ги намали пречките за работа за квалификуваниот персонал од странство.

Сепак, се покажува дека Германија не е првиот избор на обучените негуватели на стари лица. Во скандинавските земји платите се подобри, а и професијата ужива многу поголемо признание.

Како изгледа работата на негувателите?

Славонката Драгица Митлер повеќе од 30 години работи како негувателка во домот за стари лица Розентал, во Бон. Таа секојдневно на старите лица во оваа установа им дели храна и лекови, ги пресоблекува и разговара со нив. Вели дека е среќна што се занимава со оваа хумана професија, но истовремено и нагласува: „Работата е тешка, и физички и психички.“

Затоа таа на сите оние кои размислуваат да прифатат понуда за работа како негувател во Германија им препорачува прво да се преиспитаат колку навистина ја сакаат оваа работа. Зашто, без љубов и пожртвување, вели Драгица, не оди, особено кога негувателите со текот на времето и самите ќе почнат да чувствуваат болки предизвикани од напорната физичка работа. „Грбот почнува да боли, исто како и зглобовите. Но, јас лично сум задоволна. Познавам жени, а во оваа работа најголемиот дел се жени, кои по три-четири години се откажале, зашто нивниот грб не го издржал напорот.“

Непознавање на јазикот – голема пречка

Гертруд Руцен веќе седум години живее во домот за стари лица Розентал. Таа вели дека проблемите во комуникацијата и неразбирање со негувателите во најголем дел се должат на фактот што многумина кои дошле од странство сè уште не го зборуваат германскиот јазик доволно добро: „Не го разбираат јазикот и не знаат што да направат. Само што имавме таков случај. Негувателката немаше поим што прави.“

Јазикот не е и единствениот проблем. Бруто платата на негувателите во Германија, во зависност од видот на тарифниот договор, се движи меѓу 1900 и 2200 евра, што за многумина не е доволна мотивација да се определат за оваа работа. Во платата не се пресметани додатоците за ноќна работа и работа на празници.

Драгица Митлер вели дека е задоволна од својата плата, со оглед дека работи повеќе од 3 децении. Сепак, работа има сѐ повеќе и тоа би можело и да се награди на адекватен начин: „Со оглед на тоа колку има работа, платите би можеле да бидат подобри. Луѓето кои во Германија доаѓаат за работа не можат ни да претпостават колку многу работа е ова. Секому кој има намера да доаѓа не би му препорачала да доаѓа ако сака само да заработи.“

Како да најдете огласи за оваа работа

JOBBÖRSE е германски сајт каде можете да најдете огласи за работа од најразлични сфери, а меѓу нив и за негуватели на стари лица. Овие огласи можете да ги најдете тука.

Листата на огласи е постојано ажурирана, а на секој оглас стои каде би работеле, кои се условите, како да аплицирате и слично. Исто така може да Ви послужи и официјалниот сајт на ЕУ за барање работа – EURES. Активните огласи за овие работни места можете да ги најдете тука. Притоа, огласите ќе ги барате под име Altenpfleger/in.

Повеќе информации за добивање работна виза за Германија можете да прочитате овде.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија