Признавање на странски дипломи во Германија

Секој кој сака да студира во Германија потребно е да докаже „Право на пристап за студирање“. Станува збор за училишна диплома врз основа на која кандидатот има квалификација за пристап во високообразовни институции.

Прв чекор на кандидатот е да провери дали неговата училишна диплома е признаена во Германија како рамноправна со германската матура или со други училишни дипломи кои се претпоставка за запишување на факултет. Германска служба за академска размена (ДААД) има база на податоци која е од помош. Тука, кандидатот може да ја внесе земјата и училишната диплома. Така може да се дознае дали таа диплома е доволна:
– за општ пристап до факултетите во Германија
– само за пристап на некои стручни правци
– само во комбинација со доказ за завршена една или две години од студии во земјата на потекло
– или не е доволна за запишување.

Ако кандидатот е државјанин на некоја од земјите-членки на Европска Унија, на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Швајцарија, а неговата средношколска диплома таму гарантира можност за запишување на факултет, тогаш тоа важи и за германски факултети. Исто важи и за кандидати кои се матуранти во едно од 140-те германски училишта во странство.

На уметничките насоки понекогаш на исклучително талентираните кандидати им се овозможува пристап на германските факултети или вишите школи и без формални претпоставки. Во зависност од високобразовните установи кандидатите доставуваат пробни трудови или полагаат приемен испит.

Распрашајте се во високообразовните институции!
Банката на податоци на ДААД дава само општ преглед. Детален преглед на повеќе земји постои во банката на податоци „Анабин“. Таму можат да се најдат информации за вреднување и нострификација. Кандидатот може да побара на страницата на „Анабин“ според матичната земја и видот на дипломата. Таму се сите информации за тоа дали училишната диплома е доволна за запишување или со неа е потребно да се исполнат и дополнителни услови. Конечната одлука за прием на факултет секогаш ја носи високообразовната институција. Затоа се препорачува кандидатот да се распраша на саканиот универзитет во Академската канцеларија за странство – das Akademische Auslandsamt (AAA), а на англиски јазик гласи International Office (IO) – дали ги исполнува сите услови за прием на студии.

Што ако дипломата не е доволна?
Ако дипломата не е доволна за да се запише на германски факултет, тогаш кандидатот мора претходно да посетува подготвителни курсеви. Претходно кандидатот мора да положи приемен испит за подготвителните курсеви. Предуслов е добро познавање на германски јазик.

На крајот од дополнителната обука за подготвителните курсеви следат испити од повеќе области кои се битни за студиите. Тој испит се нарекува „Испит за утврдување“ (Feststellungsprufung). Подготвителните курсеви обично траат два семестри, а кандидатите кои ќе покажат исклучителни резултати можат да полагаат испит веќе после првиот семестар. Неделно, предавањата опфаќаат 28 до 32 часови. Речиси сите курсеви се бесплатни. Меѓутоа, кандидатот мора да плати семестрална школарина која ја плаќаат сите студенти.

Приемен испит
Кандидатот, кој не е сигурен дали ги исполнува сите претпоставки за студирање на германските факултети тоа може да го провери исполнувајќи тест за странски студенти: TestAS . Тоа е комбинација од тестирање за познавање на јазикот, технички прашања и тестирање на когнитивни способности. Резултатот од тестот може да помогне и во изборот на соодветната насока и во реална проценка на сопствените можности за успешни студии.
Успешно положениот тест „ТестАС“, ја зголемува можноста за запишување на саканиот факултет. За кандидатот е корисно да се распраша дали на факултетот на кој сака да се запише се бара тој тест и каква предност носи тестирањето. Тестот се полага три пати годишно во центрите на посебен институт за стандардизиран тест на германски како странски јазик (ТестДаФ) – можеби такви центри постојат и во земјата од која доаѓа кандидатот. Учество за полагање на тестот се плаќа 80 евра.

Извор: dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија