Работа во Германија за 20 илјади среќници

Граѓаните од шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, од наредната година би требало полесно да доаѓаат до работно место во Германија. На оваа тема се осврнува весникот „Тагесцајтунг“.

„Деталите сè уште не се јасни, но целта е потенцијалните рaботници да бидат спречени во поднесувањето политички азил во Германија. Тие можат да дојдат и овде да работат, без притоа да мораат да поставуваат најчесто безизгледни барања за азил“, се вели во текот на ТАЦ под наслов „20.000 среќници“.

Во текстот се потсетува дека министерката за труд и социјала Андреа Налес, најави дека ваквото правило ќе важи пет години (секоја година по 20.000 работници) и дека работниците од Балканот ќе можат кај себе да ги повлечат и семејствата.
Натаму се вели: „За разлика од денес, барањето работа во Германија за нив ќе биде полесно, затоа што ќе може да бараат работа без доказ за квалификуваноста. Денес, барањето работа, на пример, е условено со признавање на квалификациите од страна на надлежните комори, или пак професијата треба да е една од оние во кои има недостиг од стручњаци, односно платата е натпросечна. Освен тоа, во случајот на овие 20.000 работници нема да важи постапката за предност, која вообичаено важи за сите работници од странство (прво се проверува дали на пазарот на работна сила за тоа работно место има кандидат Германец или човек од ЕУ, а дури потоа се вработува лице од т.н. трети држави, н.з.). Значи, лица од Албанија или од Црна Гора ќе смеат да се вработат дури и ако има кандидати Германци. Тогаш, практично, барањето работа ќе се одвива вака: на граѓаните до Косово и натаму ќе им биде потребна виза за влез во Германија, а на граѓаните од останатите пет држави не (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, н.з.). Тие во Германија можат сами да бараат работа. Агенцијата за работа мора да потврди дека условите на работа одговараат на законите и тарифините договори. На крајот, доселениците добиваат дозвола за престој и за работа од страна на службата за странци“, информира ТАЦ.

 

Извор: dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија