Како успеала Швајцарија – земја на часовници, чоколадо и слободен пазар

Швајцарија по многу критериуми е една од најуспешните земји во светот. Земјата на чоколадо, сирење, часовници и банки редовно е на врвот на глобалното рангирање на квалитетот на животот, иновативноста и условите за бизнис.

Иако станува збор за релативно мала земја, со малку повеќе од 8 милиони жители, Швајцарија е една од најбогатите земји со БДП на жител од околу 80.000 долари. Невработеноста е доста ниска, а интересно е тоа што четвртина од жителите на Швајцарија се странци.

Швајцарија има доста висок степен на децентрализација. Политичката власт е поделена на три нивоа – федерална, кантонална и општинска. Кантоните и општините имаат висока стапка на самостојност во одлучувањето, па така на пример училишниот систем е регулиран на ниво на кантони, а не на федерално ниво. Има и доста развиена демократија, што е илустрирана низ многуте референдуми преку кои граѓаните одлучуваат за разни прашања.

Швајцарската економија се базира на доста силен услужен сектор во кој доминираат финансиските услуги, а тука е и силната индустрија заснована на високи технологии, економска и политичка стабилност, транспарентен правен систем, развиена инфраструктура, развиен пазарен капитал и ниски даноци. Сето ова прави Швајцарија да биде една од најконкурентните економии.

Основната причина поради која Швајцарија е атрактивна за странските компании е либералното економското опкружување и економската политика што го поддржува слободниот пазар. Швајцарија има највисок степен на економски слободи во Европа, а на глобалниот пазар се наоѓа на четвртото место, веднаш зад Хонг Конг, Сингапур и Нов Зеланд. Економските слободни мерки се во повеќе подрачја, како степенот на регулација, правна сигурност и права на сопствеништвото, слобода за прекугранична трговија, стабилност на валутата и слично.

Швајцарија ја задржа политичката неутралност, но има тесни економски врски со ЕУ бидејќи во соседните земји, членки на еврозоната, заминува половина од нејзиниот извоз.

Последните години Швајцарија попушти под меѓународниот притисок во врска со прашањето за банкарските тајни и прифати да се усогласи со правилата на ОЦЕД и да учествува во размената на податоци со другите земји во врска со оданочувањето и спречувањето на перењето пари, но тоа не влијаело многу врз нивниот традиционален силен банкарски сектор.

Швајцарија има стабилна економија. Инфлацијата е под нивото на ЕУ, а истото се случува и со невработеноста, која обично е под 4 отсто. Јавната потрошувачка е ниска и изнесува повеќе од 30 отсто од БДП, додека во европските земји е 50 и повеќе отсто.

Јавниот долг е исто така доста низок и изнесува околу 30 отсто од БДП, додека просекот на земјите-членки на ЕУ е над 90 отсто. Швајцарија е успешна и во привлекувањето и задржувањето на високо квалификувана работна сила и талент.

Силната и разновидна работна сила е една од главните причини за топ-компаниите како „Гугл“, „Новартис“, „Нестле“, „Дизни“ и „Мајкрософт“ своите бизнис и истражувачки центри да ги отворат токму во Швајцарија.