Над 50 проценти од младите сакаат да си заминат, САД и Германија се најпривлечни дестинации

Тенденцијата за иселување на младите од источниот и централниот дел на државата пополека се намалува, покажува последно истражување на студентите од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип. Унивезитетскиот професор, Страшко Стојановски, кој заедно со студентите ги прави истражувањата на терен вели дека тенденцијата за иселување се намалува, но сè уште процентот на млади кои сакаат да се иселат од државата е над 50 проценти.

-Ова е веќе намалување за разлика од 2014 година кога имавме речиси 80 отсто од младите, коишто сакаат да заминат надвор од државата. Ги имаме се разбира и причините, имаме и прашања, кои се однесуваат на карактерот на иселувањето. Дали тежнеат кон трајно или привремено иселување? Околу 15 проценти значи континуирано низ сите анкетни прашалници тежнеат кон трајно иселување. Тука немаме некоја осцилација, вели Стојановски.

Посочи дека во делот на карактерот на иселувањето економскиот фактор сè уште доминира, иако тој фактор се намалува, а во најновата анкета може да се забележи зголемување на факторот за туризам.

-Што значи постојат одредени придвижувања и во самата држава и во Република Македонија, коишто ги менуваат перцепциите на младите и наведуваат на тоа дека можеби младите постепено ќе го намалат тој процент на иселување, барем во нивните перцепции, коишто ги имаат и можеме да ги видиме во анкетните прашалници, вели Стојановски.

Посочи дека најпополуарни дестинации за иселување на младите и тоа во континуитет остануваат САД и Германија, а интересот за иселување во Швајцарија значително е намалено, покажаа анкетите.

-Најголема прогресија иако заостанува, зад САД, Германија и Швајцарија има тенденцијата за миграција или патување во Италија. Дестинација којашто беше популарна во овој регион на источна Македонија можеби пред 20 години, потоа благи исчезна би рекол, дружи држави беа популарни, а сега повторно се враќа во фокусот на интересот на младите, како посакувана дестинација во која би заминале, вели Стојановски.

Младите кои се анкетирани за ова истражување укажуваат дека причината за да не заминат од државата се семејството и тој е факторот којшто придонесува да останат во своите населени места.

Причината за заминување на младите останува недоволната економска развиеност на земјата, како и политичката нестабилност во земјава. Овие резултати денеска беа презентирани од спроведено истражување „Зошто младите заминуваат надвор од државата” и се одржа дебата на тема „Влијанието на мас-медиумите врз младите”. Правниот факултет и универзитетскиот професор Страшко Стојановски заедно со студентите имаат направено три вакви истражувања во 2014, 2018 и 2022 година, а се анкетирани лица од 15 до 35 години. 

Извор: МИА

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група ЕМИГРИКО