Нема зима за Германија, има доволно гас

Германските складишта за природен гас се полни повеќе од 90 отсто и покрај тоа што Русија го прекина снабдувањето преку главниот гасовод, соопштија тамошните власти.

Шефот на мрежниот регулатор Клаус Милер на Твитер напиша дека е постигната уште една цел во складиштата за гас, што отвора простор за управување во сите потенцијални итни ситуации. И покрај тоа, тој додаде дека е неопходно да се штеди гас.

Германија нареди магацинот да биде полн 75 отсто до 1 септември и ги зголеми целите за октомври и ноември на 85 и 95 отсто, соодветно, од претходните 80 и 90 отсто.

Ноемвриската цел е приближно еднаква на количеството гас што Германија го користеше во јануари и февруари оваа година, кога температурите беа релативно благи.

Германската влада ги заостри условите за складирање во јули, откако рускиот државен нафтен гигант Газпром почна да го намалува снабдувањето преку Северен тек 1, што придонесе за повисоки цени на гасот. Од крајот на август Русија целосно го запре протокот на гас.

Иако руската страна изјави дека причината е од техничка природа, германските власти ја отфрлаат и наведуваат дека тоа е политичка одлука во екот на тензиите поради воведувањето на западните санкции против Русија поради инвазијата на Украина.

Русија претходно сочинуваше нешто повеќе од една третина од испораките на гас на Германија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека земјата е во добра позиција да ја помине зимата со доволно енергија.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група ЕМИГРИКО