Ова се просечните плати во Германија

И покрај економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, Германија останува една од најпосакуваните дестинации за работниците од другите земји-членки на Европската Унија.

Во Германија просечната месечна бруто-плата минатата година беше речиси 4.000 евра, поточно 3.944 евра.

Затоа е интересно да се обрне внимание на просечните плати во одредени професии во Германија, кои може да се најдат на официјалната веб-страница на нивната Федерална агенција за труд (БА). Треба да се напомене дека БА е агенција на германското министерство за труд, со седиште во Нирнберг, и функционира како институција која управува со германскиот пазар на труд, од една страна, наоѓајќи работни места за невработените, а, од друга, плаќајќи им социјална помош на оние што се моментално невработени.

Пребарувачот на БА им овозможува на работниците во Германија однапред да дознаат кои се просечните бруто-плати во нивните професии, така што да можат имаат реални очекувања за заработка и да знаат дали се помалку платени. Пребарувачот исто така овозможува пребарување по провинции, имајќи предвид дека на истокот од Германија платите се значително пониски отколку на западот на земјата.

Детални податоци по провинции

Исто така, во Германија пазарот на трудот е детално регулиран, така што постои прецизна класификација и номенклатура на сите професии, што исто така го олеснува пребарувањето. Резултатите од пребарувањето ја покажуваат просечната плата во одредена професија според полот на работниците, истакнувајќи дека жените сè уште се плаќаат помалку од мажите за истата работа.

Понатаму, кога се гледа просечната бруто-плата во Германија, треба да се земат предвид и трошоците за живот, кои исто така не се исти во сите делови на Германија. Во некои, на пример, тешко е да се најде стан и цените на становите се екстремно високи, додека на друго место тоа не е така.

Треба да се напомене дека пребарувачот нуди износи на просечни плати од 2019 година, односно пред пандемијата, но тие можат да послужат и како ориентација при барање работа во Германија. Податоците за 2020 година допрва треба да бидат обработени и вклучени во пребарувачот.

Најдобро платени се пилотите, фармацевтите и инженерите

Пребарувачот БА открива дека највисока просечна плата имаат пилотите или фармацевтите. Луѓето во овие професии заработуваат повеќе од 6.000 евра бруто-плата месечно.

Добро платени се и машинските инженери, со над 5.000 евра плата, а добро заработуваат и архитектите (над 4.000 евра плата), како и канцелариските менаџери (над 4.000 евра).

Електричарите, негувателите, водоводџиите и слични занаетчии во просек заработуваат над 3.000 евра бруто-плата месечно.

Просечни плати во Германија

Негувател – 3.032 евра
Фармацевт – 6.150 евра
Архитект – 4.087 евра
Пекар – 3.502 евра
Продавач во пекарница – 1.839 евра
Градежен инженер – 5.246 евра
Биолог – 5.149 евра
Возач на автобус – 2.556 евра
Агент во кол-центар – 2.113 евра
Електромеханичар – 3.694 евра
Воспитувач – 3.598 евра
Инструктор за возење – 2.837 евра
Фризер – 1.684 евра
Графички дизајнер – 3.322 евра
Информатичар – 4.236 евра
Автомеханичар – 3.077 евра
Готвач – 2.284 евра
Келнер – 1.934 евра
Медицинска сестра – 3.547 евра
Наставник – 4.318
Професор во гимназија – 5.488 евра
Програмер – 4.644 евра
Чистач – 1.886 евра
Секретар – 3.306 евра

Најмалку платени се келнерите и чистачите

Кога станува збор за најлошо платени професии, тоа дефинитивно се келнерите и чистачите. Тие заработуваат помалку од 2.000 евра бруто-плата месечно, иако келнерите често добиваат бакшиш.

Waiter making tea for asian businessmen.

Важно е да се напомене дека пандемијата значително ја промени ситуацијата на германскиот пазар на труд. Така, од март до јули се изгубени 837 илјади „мини-работни места“, што е сленг за половина или скратено работно време, претежно во услужните индустрии.

Целосно закрепнување на германската економија се очекува во 2022 година

Сепак, дарежливите социјални мерки на германските власти спречија да се појави голем број на невработени во Германија и го стабилизираа пазарот на трудот, чие целосно закрепнување се очекува во 2022 година.

Ова е процена на престижниот германски Институт за истражување на трудот и пазарот на трудот (ИАБ), кој во својата редовна есенска прогноза посочува дека економскиот раст може да биде 3,2 отсто следната година. Истовремено, Институтот посочува дека на Германија сè уште ѝ се потребни квалификувани странски работници со цел германската економија да расте, што е можност за сите што сакаат својата среќа да ја бараат во Германија.

Во секој случај, пребарувачот на Сојузната агенција за труд им овозможува на сите заинтересирани лесно да откријат каква плата можат да очекуваат во својата професија на германскиот пазар на трудот.