Германците сакаат деца, но сè почесто се откажуваат – што ги спречува да создадат поголемо семејство?

Многу луѓе во Германија би сакале да имаат повеќе деца отколку што на крајот навистина имаат. Финансиската сигурност, станбеното прашање, кариерата и стравот од иднината се меѓу факторите што сè повеќе влијаат врз одлуката за основање или проширување на семејството.

Новите податоци од германскиот Сојузен институт за истражување на населението (BiB), добиени преку демографското истражување FReDA, покажуваат значителна разлика меѓу посакуваниот и реалниот број деца. Во рамките на истражувањето двапати годишно се анкетираат околу 30.000 лица.

Доколку не постоеја финансиски, станбени и други ограничувања, испитаниците во просек би сакале да имаат 2,2 деца. Околу 90 проценти од анкетираните генерално сакаат да имаат деца.

Прочитајте: Голема промена за невработените во Германија? Arbeitslosengeld би можел да се скрати од 24 на 12 месеци

Реалноста, сепак, изгледа поинаку.

Стапката на наталитет во Германија се намалува од 2021 година. Од 1,58 деца по жена, таа паднала на 1,32. Во исто време, просечниот посакуван број деца долго време останувал релативно стабилен и до 2024 година изнесувал околу 1,8.

Но, најновите податоци покажуваат промена и во желбите. Во 2025 година жените во просек планирале 1,7 деца, а мажите 1,6. Според Martin Bujard, заменик-директор на BiB, ова е првпат од почетокот на падот на бројот на раѓања да се забележи намалување и на посакуваниот број деца.

Голема разлика меѓу желбите и реалноста

Истражувачите оваа разлика ја опишуваат како „јаз во фертилитетот“. Посакуваната големина на семејството е за речиси едно дете поголема од бројот на деца што реално се раѓаат.

Иако условите за семејствата во Германија во повеќе области се оценуваат позитивно, станбеното прашање останува еден од најголемите проблеми.

Само меѓу 22 и 29 проценти од испитаниците се задоволни од понудата на станови. Тоа е најниското ниво на задоволство меѓу сите области опфатени со истражувањето.

Работата и приходите исто така играат важна улога. Луѓето кои се задоволни од своето работно место, можностите за заработка и станбената ситуација почесто планираат дете во следните три години. Овој ефект е особено забележлив кај жените.

Стравот од иднината влијае врз одлуката за деца

Покрај финансиските и станбените проблеми, врз семејното планирање влијава и чувството на несигурност за иднината.

Најголема загриженост кај анкетираните предизвикува можноста од војна. Дури 85 проценти изјавиле дека се загрижени или многу загрижени поради ова прашање.

Следува стравот дека демократијата во Германија би можела да биде загрозена, а кај младите луѓе климатските промени и понатаму се важен извор на несигурност.

Анализата покажува дека луѓето кои се многу загрижени поради иднината во просек изразуваат помала желба за деца. Кај оние со високо ниво на загриженост, желбата за деца се намалува за околу 10 проценти.

Според истражувачите, денешната ситуација се разликува од претходните генерации и по тоа што повеќе кризи се случуваат истовремено и постојано се присутни во јавноста и медиумите.

Одложувањето на родителството има последици

Дополнителен проблем е што многу луѓе ги одложуваат плановите за семејство додека не се подобрат финансиските, професионалните или станбените услови.

Но, времето може да стане ограничувачки фактор. Планот за две деца може на крајот да резултира со само едно доколку родителството постојано се одложува.

Поради тоа, истражувачите сметаат дека подобрувањето на локалните услови може да има важна улога. Како особено значајни се издвојуваат достапните станови, сигурната грижа за децата, стабилните работни места и работните услови приспособени за семејства.

Податоците покажуваат дека желбата за семејство во Германија сè уште е силна. Главниот проблем е што за многумина патот од желбата до реализацијата станува сè потежок.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Минхен