На Германија и требаат 400.000 имигранти годишно за да успеат да одржат постојан број на луѓе вработени на пазарот на трудот, објави во вторникот Институтот за истражување на пазарот на трудот (ИАБ).
Поради демографските промени, бројот на вработени постојано се намалува и покрај мерките како зголемената вклученост на жените во пазарот на труд и зголемената возрасна граница за пензионирање, бројот на вработени ќе падне од сегашните 47 на 44 милиони луѓе до 2035 година, се вели во соопштението.
Оваа пресметка ја вклучува и претпоставката дека годишно на германскиот пазар на труд влегуваат 100.000 имигранти. Експертите од ИАБ, која работи во рамките на Федералната агенција за вработување, зборуваат за бројка од најмалку 400.000 имигранти, кои би биле неопходни за да се задржи бројот на вработени на пазарот на трудот.
Студијата зборува за нето имиграција, односно бројката која го зема предвид бројот на вработени кои емигрираат од Германија.
Во соопштението се вели и дека демографскиот фактор функционира и во класичните емигрантски земји во рамките на Европската Унија. Се наведува и дека платите во земјите од потекло, особено во секторот со ниски плати, не се значително пониски отколку во Германија, што го дополнително отежнува емигрирањето во Германија.
Доколку имиграцијата остане на исто ниво како пред пандемијата, тоа нема да биде доволно за опстанок на постојан број вработени на германскиот пазар на труд, изјави Јохан Фукс, еден од авторите на студијата на ИАБ.
Колку е сериозна ситуацијата покажува последното истражување на јавното мислење нарачано од фондацијата Бертелсман од Институтот – Civey.
Од 7.500 анкетирани претприемачи, 66 отсто се изјасниле дека не можат да најдат доволно квалификувани работници. Минатата година 55 отсто од нив се изјасниле дека сметаат на проблеми при пополнувањето на работните места.
Ситуацијата не е иста во сите индустрии, региони, занимања и квалификации. Ако се прашуваат фирмите со недостиг на работна сила што точно им недостига, речиси секоја друга ги наведува лицата со завршено средно стручно образование.
Во секоја четврта компанија недостасуваат академски образовани луѓе. Со оглед на индустријата, недостигот на квалификувана работна сила особено влијае на грижата за старите и изнемоштените лица како и за здравствената заштита.
Од 1ви март 2020 година, во Германија е на сила закон кој треба да го олесни доаѓањето на квалификуваната работна сила од земји кои не се членки на Европската Унија. И покрај ова, многу претприемачи не сакаат да бараат работници од странство.
Причините се различни. Како една од главните причини компаниите го наведуваат стравот од потешкотии во комуникацијата и проблемот со оценување на квалификациите на работниците со сертификат од странство.
Слични се одговорите на оние фирми кои веќе ангажирале странски работници. Ова покажува дека некои стравови не се многу неоправдани, на пример кога станува збор за комуникација со странци. Од друга страна, бирократските пречки во пракса се очигледно помал проблем отколку што изгледа на прв поглед.
Фондацијата Бертелсман претпоставува дека политичките напори за имигрирање на квалификувана работна сила во Германија вродиле со плод. На пример, забрзани бирократски процедури, стимулации за учење германски јазик и подобра понуда на информации за признавање на странските квалификации.
Но, сè уште постојат пречки за регрутирање странска квалификувана работна сила, и покрај значителниот напредок, предупредува Матијас Мајер, експерт за миграција од фондацијата Бертелсман.
67 отсто од учесниците во студијата на Фондацијата претпоставуваат дека во наредните години ќе имаат помалку квалификувана работна сила отколку што им е потребно.
Недостигот на квалификувана работна сила е се поголем проблем, а решението не е на повидок. Нам како општество ни требаат одржливи решенија за да се справиме со демографските промени и социо-еколошката трансформација, изјавува Мајер.
Тој посочува дека клучна улуга има доследната примена на Законот за имиграција на квалификувана работна сила. Според мислењето на Мајер, ова вклучува поедноставна процедура за признавање на странски сертификати и дипломи.
Тој смета дека партнерствата во образованието помеѓу Германија и другите земји би можеле да бидат од помош, што би можело да придонесе за подобро меѓусебно разбирање меѓу претприемачите и потенцијалните странски вработени. Дури 57 отсто од анкетираните компании претпоставуваат дека би било корисно да се склучат повеќе транснационални договори за посредување при вработување или обука на квалификувана работна сила.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија.