Започнал да работи на 16-години, а својата прва плата ја добил по 3 месеци
Еден од најбогатите луѓе на сите времиња – Џон Д. Рокфелер уште на многу рана возраст ја покажал својата одлучност и мотивираност кои понатаму во животот го довеле до голем успех.
Легендарната приказна за потрагата по првата работа на тогашниот 16-годишник е најдобро опишана во книгата на Рон Черноу – “Титан“.
По потекло од селско семејство населено во околината на Кливленд, со завршен тримесечен курс за сметководство, младиот Рокфелер одлучил да бара работа во некоја од водечките компании во Кливленд кој тогаш бил населен со околу 30.000 жители.
Започнал да бара работа во железничките компании, банките и големите трговски компании бидејќи малите компании не го интересирале – иако не знаел што сака да работи, тој знаел дека мора да почне во некоја голема компанија.
Потрагата ја започнал амбициозно и плански: ги одбрал сите значајни компании од градскиот именик, а потоа започнал да ги посетува. Секое утро во 8 часот облечен во темно одело ги посетувал фирмите од својот список и барал да разговара со главниот директор на истите. “Се разбирам во сметководство и би сакал да се вработам“ – им велел на асистентите бидејќи не му дозволувале да разговара директно со директорите.
На никој не му требаше работник како мене, а само неколкумина покажаа интерес да ме ислушаат – отпосле раскажува Рокфелер.
Откако ги поминал сите фирми кои биле на листата тој не се откажал. Започнал одново да ги посетува па така некои фирми ги посетил по втор или трет пат. Неговата потрага траела шест дена во неделата, од рано наутро па се до доцните попладневни часови – без оглед на сонцето и раните на нозете, тој продолжил да бара. Неговата изјава “Секој ден работев на работа – барајќи работа“ – е запишана во историјата.
На крај, неговата упорност се исплатила кога влегол во угледната компанија Hewitt and Tuttle. Влегувајќи во зградата на компанијата, тој налетал на партнерот Henry Tuttle кој веднаш го интервјуирал и го повикал на уште еден разговор после ручекот. На второто интервју бил присутен и постариот партнер Hewitt. Итно им бил потребен помошен сметководител па веднаш откако ги направил потребните тестови му понудиле работа. Својата прва плата Рокфелер ја добил после 3 месеци работа. Останатото е историја.
До крајот на својот живот, Џон Дејвисон Рокфелер го прославувал 26. септември како Ден на работата. Тоа е всушност денот кога ја добил првата работа и истиот го славел со поголем ентузијазам отколку својот роденден.