Минималната сатница во Германија се зголемува на 13,90 евра: причина за славење или предупредување?

Зголемувањето на минималната сатница во Германија повторно го привлекува вниманието на насловните страници, но прашањето останува: дали зголемувањето на 13,90 евра по час навистина е причина за прослава?
За работниците во помали места можеби е, но за мнозинството што живеат во големи градови, тоа е само уште еден потсетник дека хартијата трпи сè, но паричникот не.

Колку всушност вреди 13,90 евра по час

Работник што месечно работи околу 170 часа ќе заработи околу2.360 евра бруто, односно помеѓу 1.500 и 1.700 евра нето, во зависност од даночната класа и местото на живеење.
На хартија изгледа солидно, но кога ќе се соберат кирија, режиски трошоци, храна и превоз, останува многу мал простор за било каква финансиска сигурност.

Прочитајте: Германија ги заострува условите за социјална помош

Големи градови, мал остаток

Во градови како Минхен, Франкфурт или Хамбург, еднособен стан често чини од 900 до 1.300 евра, а кога ќе се додадат трошоците за греење и енергија, бројката се зголемува уште повеќе.
За многу работници, речиси целата плата оди за основни потреби.
Зголемувањето на сатницата не значи подобар стандард, туку помал долг или малку подоцнежен минус на сметката.

Минималната сатница во Германија и реалноста на секојдневието

Владата и синдикатите го претставуваат зголемувањето како напредок, но реалноста покажува го спротивното.
Без контрола на кириите и инфлацијата, зголемувањето на сатницата е само козметичка промена.
Луѓето се радуваат, но наскоро сфаќаат дека продавниците и сопствениците на станови ја зголемуваат цената веднаш штом се менува минималецот.

Куповната моќ на работниците во Германија, особено во урбаните средини, всушност паѓа, иако бројките растат.

Прочитајте: Распуст во Германија 2026 – сите сојузни покраини на едно место (училишни распусти)

Посебен удар за доселениците

Доселениците, кои често работат во сектори како логистика, чистење, достава и производство, најчесто се на минималец.
За нив зголемувањето на 13,90 евра не носи вистински напредок, бидејќи трошоците за интеграција, домување и превоз растат побрзо од платата.
Многу работат две смени, викенди или дополнителни работи за да ги покријат основните трошоци за живот.

Минималната сатница во Германија и стамбената криза

Без системска стамбена политика, секое зголемување на платата завршува во џебовите на сопствениците.
Станбеното прашање е во центарот на проблемот: нема доволно достапни станови, цените на киријата растат, а државните субвенции не го следат темпото на пазарот.
Зголемувањето на сатницата, во овој контекст, не значи повеќе – туку исто, само поскапо.

Што би значело вистински напредок

Ако Германија сака зголемувањето на минималната плата навистина да го подобри животот на луѓето, мора да се случат три работи:

  1. Да се намали даночното оптоварување на ниските плати за да нето навистина се зголеми.
  2. Да се регулираат кириите и да се поттикнува изградбата на достапни станови.
  3. Да се усогласи минималецот со инфлацијата и реалните трошоци за живот, а не само со политички договори.

Што следи по 2026

Од 1 јануари 2027, минималната сатница во Германија треба да се зголеми на 14,60 евра.
Но ако цените продолжат да растат со истото темпо, и таа сума ќе биде далеку од доволна.
Зголемувањето на платите не значи ништо ако растот на трошоците за живот ја „јаде“ секоја дополнителна пара.

Затоа радоста околу бројката 13,90 евра треба да се доживее со претпазливост.
Бидејќи ако сè друго расте побрзо – минималната сатница во Германија останува минимална, без разлика на износот.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, најдоброто здравствено осигурување во Германија