Поради високите цени на горивата, Германија планира да воведе додаток за мобилност за граѓаните со пониска платa

Германската Влада размислува за воведување „додаток за мобилност“ со цел да се спротивстави на рекордно високите цени на горивата. 

Додатокот би се движел од 20 до 50 евра месечно, но само за оние со помали и средни плати. 

Рекордните цени на бензините и на дизелот продолжуваат да ги шокираат возачите во Германија, иако цената на барел сурова нафта на светскиот пазар во меѓувреме падна. Затоа со денови се зборува за воведување „попуст на точење“, кој би го финансирала државата за граѓаните.

Оваа опција ја поддржаа и либералите, најмалиот партнер во германската Влада, но очигледно не можеа да ги придобијат социјалдемократите и зелените. За овие партии е важно државата, доколку веќе треба да помогне, да им помогне на оние што не користат приватни автомобили и со тоа да придонесат за заштита на природата.

Социјалдемократите го нарекуваат предлогот на либералниот министер за финансии Кристијан Линднер-  „пари за сопствениците на порше“ зад затворени врати, додека „зелените“ се жалат дека предлогот на Линднер ќе ги фаворизира возачите на поголеми автомобили кои се големи потрошувачи и загадувачи.

Линднер претходно бараше секој возач на бензинската пумпа едноставно да добие попуст од 30 до 40 центи за литар, кој потоа ќе го надомести државата. Идејата на Линднер беше цената на горивата да се врати под две евра за литар.

Нема помош за високата класа

Како што известуваат германските медиуми, министерот за труд Хубертус Хеил од социјалдемократите сега предлага „додаток за мобилност“ за оние со пониски и средни примања. Таа премија државата би ја плаќала најмногу три месеци, во зависност од приходите на граѓаните. Така, оние што заработуваат помалку од 2.000 евра бруто би добивале по 50 евра месечно. Оние со плата до 3.000 евра би земале 35 евра, а до 4.000 евра по 20 евра месечно. Тоа наводно ќе ја чини државата милијарда евра месечно.

И лидерот на Социјалдемократската партија, Ларс Клингбејл, исто така, го поддржува предлогот. Затоа што така државата би им помогнала на оние на кои им е потребна помош. 

– Некој како мене може да наполни гориво за 2,30 евра литар, не му треба државна помош. Но, на мојата сосетка, која секој ден вози до Хамбург каде што работи како негувателка, ѝ треба поддршка – рече Клингбејл.

– Намалете го данокот на енергија и данокот на промет на дизелот и на бензинот од 19 на 7 отсто. Тоа би било небирократска, брза и добра помош за сите – изјави лидерот на опозициските демохристијани, Фридрих Мерц.

Извор: b92.net

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија