Промена на даночна класа во Германија: кога се исплати и како се прави

Промената на даночната класа во Германија е една од ретките административни одлуки што може да има директно и видливо влијание врз месечната нето-плата. Иако многу работници со години остануваат во иста даночна класа, промените во животните околности често значат дека постојат поповолни опции кои не се искористени.

Во пракса, даночната класа не се избира произволно, но во одредени ситуации работникот има право на промена, а таа промена може да значи и разлика од неколку стотици евра на годишно ниво.

Прочитајте: Минималната сатница во Германија се зголемува на 13,90 евра: причина за славење или предупредување?

Кога промената на даночната класа во Германија има смисла

Промената на даночната класа најчесто доаѓа предвид кога ќе се промени личната или семејната ситуација. Најчеста причина е склучување брак или развод, но и значајна промена во примањата на еден од партнерите.

Брачните парови кај кои едниот партнер заработува значително повеќе од другиот, често ја избираат комбинацијата на даночни класи III и V, додека паровите со слични примања почесто остануваат во комбинацијата IV/IV. Погрешниот избор може да резултира со пониска месечна нето-плата или со подоцнежни доплати на данок.

Најчести ситуации во кои се менува даночната класа

До промена на даночната класа најчесто доаѓа во следните ситуации:

Брак или склучување животно партнерство
По венчавката, сопружниците можат да избираат меѓу неколку комбинации на даночни класи. Изборот зависи од висината на примањата и плановите за идниот период.

Развод или трајно раздвојување
По разводот, даночната класа автоматски се менува во онаа што одговара на самец, најчесто класа I.

Раѓање дете
Во одредени случаи, родителите можат да остварат дополнителни даночни поволности, што може да влијае врз исплатливоста на промената на даночната класа.

Голема разлика во примањата
Ако еден од партнерите значително ги зголеми или намали примањата, претходната комбинација на даночни класи можеби веќе не е оптимална.

Како се прави промена на даночната класа во Германија

Промената на даночната класа се поднесува до надлежната даночна управа, односно Finanzamt. Денес, во повеќето случаи, постапката може да се заврши онлајн преку официјалните даночни портали или со писмено барање.

Барањето се поднесува заеднички кога станува збор за брачни партнери, а промената важи од месецот во кој барањето е одобрено. Нема ретроактивна примена за претходните месеци.

Рокови и ограничувања

Вообичаено, промената на даночната класа може да се направи еднаш годишно. Исклучоци постојат кај големи животни промени, како што се развод или смрт на партнерот.

Важно е да се знае дека промената на даночната класа не ја менува вкупната годишна даночна обврска, туку влијае на распределбата на данокот во текот на годината. Тоа значи дека повисока нето-плата во текот на годината може да резултира со помал поврат или дури со доплата на данок по годишната даночна пријава.

Како промената на даночната класа влијае на нето-платата

Ефектот од промената на даночната класа се гледа директно на платната листа. Нето-платата може да се зголеми или намали, во зависност од избраната класа, висината на бруто-платата и други фактори.

За точна пресметка секогаш се препорачува да се провери пресметката на бруто и нето-платата во Германија, бидејќи само така може јасно да се види реалниот финансиски ефект од промената.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, најдоброто здравствено осигурување во Германија