Вработените во здравството и установите за нега во Германија имаат рок до денеска да докажат дека се вакцинирани или да приложат потврда дека не може да се вакцинираат против коронавирус.
Од денес (16.03.2022) во Германија почнува да важи обврската за вакцинирање на медицинскиот персонал и вработените во установите за нега.
Обврската важи и за волонтерите, практикантите, како и лицата кои редовно доаѓаат во овие установи, како занаетчии или фризери.
За оние, пак, кои не доаѓаат секојдневно, како поштари, доставувачи на пакети или занаетчии кои извршуваат една задача, обврската за вакцинирање не важи.
Сите кои до денеска не се вакцинирани, а кои кај својот работодавач во сферата на здравството и негата не поднесле потврда дека не може да бидат вакцинирани, се соочуваат со консеквенции, како плаќање казни, па дури и забрана за работа.
Со оглед на тоа што за спроведување на прописот за задолжително вакцинирање се надлежни покраините, насекаде има различни постапки.
Она што на сите им е заедничко е должината на целиот процес. Додека се стигне до крајната консеквенција за вработените кои не се вакцинирани и не поднесле потврда за ослободување од вакцинација, ќе мине време, зашто надлежните институции имаат предвидено постапка во повеќе чекори, која опфаќа повеќекратно давање рокови, индивидуални проверки и простор за проценка.
Во некои региони институтите за јавно здравје мора точно да утврдат дали пациентите ќе може да добијат потребна грижа доколку невакцинираниот персонал добие забрана за работа. Ако се заканува опасност од недоволна згриженост на пациентите, персоналот ќе може да продолжи да работи.
Извор: Dw.com