Финска по петти пат го зазеде местото на најсреќна земја за живот, додека Македонија е на 89 – то место меѓу 146-те рангирани земји, според Светскиот извештај за среќа (World Happiness Report), публикација на Мрежата за одржлив развој на ОН.
Меѓу десетте најсреќни земји оваа година се Данска, Исланд, Швајцарија, Холандија, Луксембург, Шведска, Норвешка, Израел и Нов Зеланд.
Светскиот извештај за среќа проценува 146 земји и зема предвид индикатори како што се очекуваниот животен век, социјалната поддршка, корупцијата и други.
Од земјите во регионот, најсреќно место за живеење е Словенија, која е на 22 место, потоа Србија на 43, Хрватска на 47, БиХ на 67, Црна Гора на 75, а Северна Македонија на 89 место.
Споредено со лани, од земјите во регионот само БиХ и Црна Гора паднале за неколку места. Според минатогодишниот извештај, Словенија беше на 29 место, Србија на 48, Хрватска на 60, БиХ на 64, Црна Гора на 70, а Северна Македонија на 94 место.
Америка падна на 16-то место од ланското 14-то, Велика Британија е на 17-то, во однос на ланското 18-то, а Франција остана на 20-то место.
Од земјите на поранешниот Советски Сојуз, Литванија и Естонија имаат најдобри показатели, на 34 и 36 место, потоа Молдавија 62, Киргистан 64, Белорусија 65, Туркменистан 78, Русија 80 во споредба со минатогодишното 60 место, пренесува РИА Новости.
Најнесреќни земји според ОН се Авганистан кој е на последното место и Либан.