Годишниот извештај покажа дека биле евидентирани вкупно 170 напади врз германските домови на барателите на азил во првите шест месеци од оваа година. Министерот за внатрешни работи, Томас де Мезиер, на прес-конференција во Берлин истакна дека во меѓувреме се случиле уште пет напади.
Во 2014 година, вкупниот број на напади беше 198 – околу три пати повеќе од претходната година. Најчесто ваквите напади се во форма на оштетување на имотот и ширење ксенофобична пропаганда преку графити.
Во април оваа година, беше запален кровот на еден од домовите во кои престојуваат бегалци. Германскиот заменик-канцелар, Зигмар Габриел, го осуди овој чин, велејќи дека во Германија нема место за ксенофобијата.
Според официјалните статистички податоци, бројот на баратели на азил во Германија е зголемен за околу 60% од минатата година, а бројот на регистрирани странски државјани до крајот на 2014, изнесувал 8,2 милиони.
Загриженоста во врска со имиграцијата дојде до израз во последните неколку месеци, како резултат на исламистичкото движење Пегида, кое се јави во источна Германија.
Повеќе од 200 луѓе во декември добија засолниште во германски цркви. Од нив, 169 бараат азил, инаку би се соочиле со депортација. Вкупниот број на азиланти кои живеат во Германија се зголеми на 629.000. Од нив, на 338.000 официјално им беше признаено правото на азил, додека пак на останатите 291.000 им беше дозволено да останат во земјата и покрај тоа што не им се даде азил.