АКО СТЕ ПОСВЕТЕНИ, ОД ОВА МОЖЕ СОЛИДНО ДА СЕ ЗАРАБОТИ: Дали сте размислувале за производство на цвеќе?

Ако се одлучите да произведувате цвеќе, за почеток ќе ви треба инвестиција од неколку илјади евра за пластеници, семенски материјал, ѓубрива, но за две години ако добро ви тргне работата, ќе можете да ја повратите инвестицијата и да заработувате.

Луѓето кои се занимаваат со одгледување на цвеќе велат дека народот одвојува пари за да го разубави својот дом или двор. Според нив, во нашата средина има љубители на цвеќе кои купуваат садници и во пролет и во есен.

„Годишно продаваме 200.000 до 300.000 парчиња цвеќе. Локалците ги купуваат, но и луѓето од другите делови на државата, а нив им праќаме по карго. Има интерес за различни видови цвеќе, тоа е работа на вкус. Секако дека од ова може да се живее, но потребна е инвестиција на почетокот. Ако понудите квалитет, луѓето знаат да го препознаат и ценат. Ние работиме веќе неколку години“, вели производителка на цвеќе од струмичко.

Живко Шулинчевски од Ресен, на интернет видел пример за производство на цвеќе и така добил идеја да почне да се занимава со истата работа. Но, вели дека во помалите градови е потешко за разлика од Скопје. Објаснува дека во годината може да се продадат стотици садници цвеќе во мал град како Ресен. 

„Има луѓе кои сакаат цвеќе и го купуваат, но тоа е мал круг. Купуваат секакво цвеќе од она што ќе им понудите. Има цвеќиња со пристапни цени од 50 или 100 денари, но има и поскапи од 500-600 денари. Најбарано беше собното цвеќе. Може да се почне со помала инвестиција, треба да се купи најлон, но има и други пропратни трошоци. Ресен е мал град, поинаку е во Битола, а во Скопје има многу поголема побарувачка на пример“, рече тој.

Тој додава дека оние кои ќе се зафатат со оваа работа, треба своите садници да ги нудат не само на пазарите, туку и на интернет платформите за да го олеснат патот до пронаоѓање на купувачи.

Луѓето кои имаат искуство со производство на цвеќе, велат дека потоплите краеви како Струмица и Гевгелија се погодни за цвеќето и советуваат дека за поголеми приходи, треба да се засади површина од еден декар. Некои производители со текот на годините успеваат да живеат само од производство на цвеќе, а другите си обезбедуваат дополнителни приходи.

Весна Севдинска, агроном од Берово вели дека не само Струмица и Гевгелија, туку и Скопје има добри климатски услови за производство на цвеќе.

„И цвеќето си бара нега, а тој што ќе почне со садење на цвеќе треба да има познавање од хортикултура“, рече Седвинска.

Таа додава дека и во Штип, Делчево, Свети Николе има луѓе кои се решиле да се занимаваат со овој агробизнис и постигнале успех, односно опстојуваат со години. 

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија