Пред да заминете во арапскиот свет, треба многу да внимавате преку какви агенции/сајтови барате работа.
Во прилог објавуваме вистинска приказна за голготата која ја преживеала една млада Македонка во потрага по подобар живот и заработка.
„Долго време работев како шанкерка по скопските кафичи. Кога почна да опаѓа работата, т.е. кога народот почна да запаѓа во сѐ поголема криза, решив да побарам работа во странство. Доста слушав за работата на брод, во Емиратите, по островите во Грција но, некако ме влечеше ориентот па се решив да побарам контакт кој би ми помогнал да заминам на “печалба” во Дубаи. Седев во една паланчикара и здогледав светлечка реклама на агенција за посредување за работа во странство. Го допив кафето и отидов во агенцијата. Типична агенција за посредување: фотографии од Лас Вегас, бродови за крстарење, Дубаи пред и потоа итн. Мислев дека сум на вистинското место. Започнав разговор со менаџерот на агенцијата, му кажав дека сакам да заминам за Дубаи. Тој веднаш ми отвори портфолио со куп среќно заминати млади луѓе. Дотерани во одела и класични женски костими, фотографии од шанкови, дискотеки, ресторани, хотели и што уште не. Некако ми беше премногу добро, да биде реално. Откако ми ги кажа условите и искуството кое е потребно да го поседувам, договоривме пробно интервју. По неколку дена, нѐ собраа сите апликанти во еден кафич. Нѐ имаше повеќе од 30 луѓе кои, едвај чекавме да заминеме од оваа наша државичка.
Ме одбраа меѓу првите, со заклучок дека имам најголемо искуство во угостителското работење и познавање на брендовите вискија, скочови, коктели… Следеше интервју еден на еден, каде што ми ја соопштија сумата за процесирање на документите кај работодавецот во Дубаи. Откако тој ќе даде зелено светло, добивам загарантирана работа, работна виза и авионски билет во еден правец. Поминаа два месеци, немаше никаква новост од агенцијата. По некое време се јавија, ми кажаа дека работодавецот дал зелено светло и нѐ кани сите во Србија на главно интервју, кое нормално требаше да се плати, заедно со патот и дводневното сместување од сопствен џеб. Се снајдов некако за пари и заминав. Интервјуто траеше 9 часа. Бевме преку 80 напатени души, загорени да се изгубиме од тука еднаш засекогаш.
Отако помина и тоа интервју, останавме само триесетина души на кои ни потврдија дека заминуваме во најкраток можен рок да работиме во најелитниот новоотворен ноќен клуб. Вечерта сите среќни, отидовме во едно од кафулињата под тврдината да прославиме. Се вратив во Скопје, им соопштив на моите дека заминувам за Дубаи, дека сум добила работа итн. Беа пресреќни. Наредните денови бев ни на земја ни на небо. Постојано го гуглав Дубаи, хотелите, сафари програмата и будно ја следев електорнската пошта. Поминаа два месеци. Немаше ни трага ни глас од Дубаи. Се јавив во агенцијата, од таму ми кажаа дека имало технички проблем со документите но, дека кај и да е ќе ги добиеме авионските карти. Ги добивме по 8 месеци. Меѓувремено работев само по потреба на локалот каде што работев предходно и немав редовни месечни примања.
Слетавме во Дубаи. Милсев дека сонувам. Не ми беше верно дека сликите што ги гледав на интернет, сега се реални и пред мене. Можев да ги допрам палмите, да се сончам на JBR, да ги гледам фонтаните на Дубаи мол во живо како танцуваат на музиката на Селин Дион. Како и сите новајлии во друга држава, сѐ што ќе ни кажеа, слепо верувавме. Така беше и со пасошите. Ни рекоа дека ќе ни ги чуваат во сефот на компанијата, заради безбедносни мерки (наводно се крадело по хотелските соби). Ние уверени дека тоа е така ги дадовме. Тука беше првиот кикс. Вториот кикс беше кога ни дадоа нови договори за работа, со изменети членови за платата, бонусите, слободните денови, сместувањето. Ни објаснија дека договорите кои ги потпишавме во агенцијата во Скопје, биле само про-форма за да се добие работната виза. Веќе третиот ден не ми се допадна целата ситуација ама си реков – да не бидам параноик, ќе се среди сѐ, не може сѐ наеднаш.
Наместо деветте работни часа дневно, односно 45 неделно, ние работевме по 16 часа. Платата беше тројно помала од она на што потпишав договор. Бакшишот за кој тврдеа дека ќе се дели еднакво со колегите, не го гледавме целосно. Добивавме ронки, а менаџерите ги добиваа големите парчиња. Се сеќавам на една вечер, во клубот дојде еден од Шеиците на Емиратите. Менаџерот ми пријде и ми рече дека вечерва јас ќе го служам и ми даде еден совет: Секогаш пали му ја цигарата, не оставај да бара запалка. Го послушав и заминав на неговата маса. Секоја цигара што ќе му ја запалев вредеше 100 евра бакшиш. Да, 100 евра, вечерта испуши две кутии цигари, па сега направете ја математиката колкав бакшиш заработив вечерта, не вклучувајќи го и големиот бакшиш со сметката. Ме болеше малку тоа дека од тој бакшиш нема да земам ни 3%, ама знам дека секој пат кога ќе дојдеше во клубот, ексклузивно ме бараше мене да го служам.
По неколку месеци сфатив дека го губам времето тука. Земав плата и бакшиш месечно колку што кај нас, во Македонија земаат социјална помош (споредено со животните стандарди). Сакав да најдам друга работа но, бев обврзана минимум една година да работам за компанијата која ги платила сите трошоци за да ме донесат во Дубаи. Почнав да се распрашувам по луѓето кои ги запознав во рад како и зошто ги бркаат непослушните работници. Редица начини кои ги направив само за да ме депортираат назад и сѐ ми прогледуваа низ прсти. Пиев на работно место, зборував и се дружев со гостите, пушев на работно место, трескав врати, дури и на верска основа почнував расправии, но џабе. Ми прогледуваа низ прсти затоа што им бев најдоходовна. Зборував неколку странски јазици, правев голем бакшиш, знаев кој пијалак со кој апетисан оди и кој шампањ со кое овошје.
Кога западнав во очај, на свое каење секоја вечер кога ќе дојдев дома се опивав. После смената во клубот, морав да работа на афтер парти по хотелските соби. Да им служам пијалак на опиени проситутки, туристки со импотентни мажи кои барааа забава за една ноќ… само кога ќе се сетам на тој разврат ми се крева утробата.
Конечно најдов начин. Им реков дека ми треба малку одмор по истоштеноста и болничкиот кревет, во кој бев три дена. Ми рекоа дека можам да одам било каде, само не во Македонија кај моите. Смислив план. Ме чинеше целата моја кутра заштеда, но се вратив дома.
Кога стапнав на нашето тло, заплакав од среќа. Дојдов дома. Дојдов кај саканите. Спиев цели 4 дена без престан.
Не е сѐ така како што пишува печатот. Убаво размислете пред да одите некаде, било на брод или на копно. Останувате незаштитени и сами мора да се снајдете. Внимавајте како ќе ја најдете работата.“
Текстот е напишан од Ивана Т, поранешна печалбарка во Дубаи.