Вработените во Германија денес работат помалку часови отколку пред десет години, додека бројот на луѓе кои работат со скратено работно време продолжува да руши рекорди. Тоа го покажуваат новите податоци на германскиот завод за статистика Destatis, објавени во момент кога во Германија сè погласно се дискутира за недостигот на работна сила и потребата од поголема продуктивност.
Според официјалните податоци, вработените со полно работно време во текот на 2025 година работеле просечно 39,9 часа неделно. Пред десет години просекот бил 40,5 часа.
На прв поглед разликата изгледа мала, но трендот јасно покажува дека начинот на работа во Германија се менува.
Прочитајте: Нов тренд во Германија: Менуваат работа за да избегаат од „високите“ кирии
Истовремено расте бројот на луѓе кои работат во „Teilzeit“, односно со скратено работно време. Во 2025 година дури 31,9 проценти од вработените работеле скратено работно време, што е најголем забележан удел досега.
Сè повеќе Германци избираат пократко работно време
Додека вработените со полно работно време работат помалку отколку порано, лицата вработени во Teilzeit денес работат нешто повеќе часови отколку пред десет години.
Просечен вработен во Teilzeit во текот на 2025 година работел 21,3 часа неделно, додека во 2015 просекот бил 19,3 часа.
Гледано вкупно, просечното работно време на сите вработени во Германија денес изнесува 34 часа неделно.
Германскиот пазар на труд во последните години поминува низ големи промени. Сè повеќе луѓе бараат подобар баланс помеѓу приватниот живот и работата, а многумина повеќе не се подготвени да работат прекувремено како порано.
Особено помладите генерации отворено зборуваат дека слободното време, менталното здравје и квалитетот на животот им стануваат поважни од класичната кариера и долгите работни денови.
Секоја втора жена во Германија работи Teilzeit
Податоците покажуваат огромна разлика помеѓу мажите и жените кога станува збор за работа со скратено работно време.
Дури 50,6 проценти од жените во Германија се вработени во Teilzeit, додека кај мажите тој удел е само 14,3 проценти.
Особено погодени се мајките. Речиси две третини од вработените мајки со деца помлади од 18 години работат скратено работно време.
Кај татковците ситуацијата е сосема поинаква. Само 8,6 проценти од вработените татковци работат Teilzeit.
Тоа покажува дека жените во Германија и понатаму многу почесто ја преземаат грижата за децата и семејството, дури и во општество кое често се претставува како модерно и рамноправно.
Работата по 65-тата година најчесто значи Teilzeit
Интересен е и податокот дека голем број постари лица кои остануваат да работат по пензионирањето работат токму со скратено работно време.
Повеќе од половина од вработените 65-годишници работат Teilzeit, додека кај вработените над 70 години дури 90 проценти работат со намалено темпо.
Тоа покажува дека дел од граѓаните сакаат да останат активни и по официјалното пензионирање, но без полно работно оптоварување.
Германија бара работници, но луѓето сакаат поинаков живот
Оваа статистика доаѓа во момент кога германската политика и економија сè почесто предупредуваат на недостиг од работна сила.
Работодавците бараат повеќе вработени и поголема продуктивност, но реалноста покажува дека многу граѓани сакаат да работат помалку, а да живеат поквалитетно.
Токму затоа Германија сè повеќе зависи од доселување на странски работници, вклучувајќи и голем број луѓе од Балканот.
Истовремено расте и прашањето дали германскиот систем долгорочно може да издржи сè поголем број луѓе кои работат помалку часови, додека населението старее, а трошоците за пензискиот и здравствениот систем растат.

