Големите градови во Германија нудат многу работни места и бројни содржини за слободно време, но екстремно високите кирии го отежнуваат животот. Цените на закупнините ги одвраќаат вработените и им создаваат сериозни проблеми на компаниите кои се во потрага по стручна работна сила.
Многу луѓе ги сметаат скапите станови за главен недостаток на животот во урбаните средини, покажа истражувањето на консултантската куќа „PwC“ (PricewaterhouseCoopers).
Пронаоѓањето стан – „чиста среќа“
Прочитајте: Робови на кредитите: Како ратите, лизингот и социјалните мрежи го променија животот на дијаспората
„Висината на кириите и тешкотиите при наоѓање пристапен стан во урбаните подрачја и понатаму се огромен извор на фрустрација меѓу вработените“, вели Бернд Розе, директор на „PwC“ за Франкфурт.
Истражувањето се спроведува веќе три години, а според Розе, проблемот дополнително се влошил. Во анкетата учествувале 4.000 вработени на возраст меѓу 18 и 65 години од 12 градови со најмалку половина милион жители, меѓу кои Берлин, Хамбург, Франкфурт, Минхен, Есен, Лајпциг и Хановер.
Големо мнозинство од испитаниците го сметаат животот во голем град за пријатен поради можностите за шопинг, културната и образовната понуда, како и близината до работното место. Околу 89% од нив се изјасниле дека се чувствуваат добро во местото каде што живеат.

