Германскиот транспортен сектор се соочува со сериозен недостиг на професионални возачи. На компаниите веќе им недостигаат десетици илјади работници, а проблемот би можел дополнително да се влоши во следните години поради масовното пензионирање на постарите возачи.
Според податоците на Сојузното здружение за товарен патен транспорт, логистика и управување со отпад (BGL), во Германија како возачи на камиони работат околу 527.000 лица. Истовремено, проценките покажуваат дека на пазарот веќе недостигаат до 120.000 возачи.
Транспортните компании предупредуваат на проблемот со години, но сега демографските промени дополнително го зголемуваат притисокот.
Голем број возачи наскоро заминуваат во пензија
Еден од главните проблеми е возраста на постојните возачи. Генерацијата родена во периодот на „baby boom“ постепено заминува во пензија, а процесот особено ќе се чувствува во периодот од 2025 до 2035 година.
Прочитајте: Се повеќе вработени во Германија ја менуваат професијата
Според Rüdiger Ostrowski, претседател на здружението за шпедиција и логистика во Северна Рајна-Вестфалија, Германија практично се наоѓа само на почетокот на периодот во кој недостигот на возачи ќе стане уште поизразен.
Колку е сериозен проблемот покажува и примерот на транспортната компанија Franz-Peter Vendel од Bornheim, во близина на Köln.
Компанијата располага со 85 камиони и вработува околу 110 возачи, но и тоа не е доволно. Сопственикот Michael Vendel сè уште неколкупати месечно лично седнува зад волан кога недостигаат работници поради годишни одмори, боледувања или други отсуства.
Просечната возраст на возачите во компанијата е 56 години, што значи дека значителен дел од нив во следните години ќе се приближат до пензионирање.
Германските компании ќе бараат возачи и од странство
Едно од решенијата што ги разгледува транспортниот сектор е поинтензивно вработување професионални возачи од странство.
Според Ostrowski, компаниите ќе мора активно да бараат работници надвор од Германија и да создадат услови со кои професијата повторно ќе стане привлечна.
Тоа подразбира и повисоки плати. Според претставниците на секторот, платите веќе се зголемуваат, но само повисока заработка можеби нема да биде доволна.
Потребни се и подобри работни услови, како и системи на смени што ќе им овозможат на возачите подобро да ги усогласат работата и семејниот живот.
Младите тешко се одлучуваат за оваа професија
Дополнителен проблем е недостигот на млади луѓе кои сакаат да станат професионални возачи.
Од транспортната компанија Vendel велат дека професијата денес нема углед каков што имала во минатото. Затоа компаниите се обидуваат да најдат нови начини за привлекување и задржување работници.
Еден од моделите е повторно ангажирање пензионирани возачи кои повремено преземаат смени.
Кај младите што започнуваат обука, пак, компаниите се обидуваат постепено да ги воведат во професијата наместо веднаш да ги испраќаат на најдолгите и најтешките релации. Целта е по завршувањето на обуката тие да останат во компанијата, а важен дел од тоа се поатрактивните модели на работно време.
Ублажувањето на забраната за возење не го решава проблемот
Дополнителен притисок врз патниот транспорт создаваат и проблемите во другите видови транспорт. Ниското ниво на водата во реки како Rhein и Donau, на пример, доведе до пренасочување на дел од товарот кон камионскиот транспорт.
Поради тоа, во повеќе германски сојузни покраини привремено беа олеснети ограничувањата за движење на камиони во недела и за време на празници, со цел да се одржат стабилни синџирите на снабдување.
Сепак, претставниците на транспортниот сектор предупредуваат дека ваквите мерки можат само привремено да ја олеснат ситуацијата. Тие не го решаваат основниот проблем – нема доволно луѓе што ќе седнат зад воланот.
Доколку трендот продолжи, германските транспортни компании во следните години ќе мора уште поактивно да привлекуваат возачи од странство, да ги зголемуваат платите и да нудат подобри услови за работа.
Со оглед на тоа што голем број искусни возачи допрва треба да заминат во пензија, недостигот на кадар во германската транспортна индустрија би можел да стане уште поголем.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.
