Последниве години многу граѓани ја гледаат Германија како ветена земја, сакаат да се преселат, да живеат и работат таму, но многумина не го говорат германскиот јазик.
Од агенциите кои посредуваат при вработување велат дека само желба не е доволна, туку за пронаоѓање на добра работа клучно е и познавањето на јазикот. Оние кои не го говорат германскиот јазик, најчесто работат физичка работа каде имаат повеќе нивоа на хиерархија над нив, и заработуваат помалку.
„Луѓето кои не знаат јазик, работат како градежници, местат бини за концерти или чистат и заработуваат по 9 евра на час, додека оние кои го знаат јазикот, и се на повисоки работни позиции, земаат минимум 15 евра за работен час. Со добро познавање на јазик се вработуваат во банки, болници, домови за стари лица. Луѓето кои имаат по 35-40 години се трудат да го научат јазикот, и да бидат спремни кога ќе отидат таму“, вели Марија Велковска, менаџер во агенцијата 44 Energy and Staff.
Велковска ги советува младите додека чекаат да ги средат документите за во Германија, да одат на курсеви или со помош на интернетот да го учат јазикот, затоа што тоа многу ќе им помогне за полесно снаоѓање во новата средина.
Oд друга скопска агенција нагласуваат дека кај нас немаме многу луѓе кои течно го говорат германскиот јазик.
„Многу е едноставно, тој што знае јазик може да бира работни позиции, а тој што не знае, нема избор или може и да не замине во Германија преку нас, евентуално да бара преку друга агенција или да отпатува сам, па таму да се снаоѓа да бара работа. Таков кадар јас можам да препорачам само ако на германскиот работодавач му е ептен итно, нема работник, и за таа позиција не му е толку важно кандидатот да знае да комуницира. Дури и оние кои го учеле јазикот, ќе прават граматички грешки, но важно е да се види дека вложиле труд, дека учеле, можат да се разберат“, додаваат од друга скопска агенција.
Професорката по германски јазик Наташа Николова вели дека за да некој успее во Германија, му треба добро познавање на јазикот, но и соодветно образование, квалификации кои се бараат на тамошниот пазар на труд.
„Познавање на јазикот е потребно, но ако немате соодветно образование вие нема што да работите таму или ќе работите што било. Имам ученици од повеќе струки, медицински лица, возачи, инженери, деца кои го учат германскиот јазик“, додава Николова.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), во 2020 година во Германија се иселиле 251 македонски граѓанин, но се смета дека на работа во оваа земја одат по неколку илјади работници годишно.
Институтот за германска економија неодамна објави дека Германија има потреба од квалификувана работна сила. Само во секторите за здравство, социјална заштита и образование, шест од десет работни места не се пополнети поради недостиг на соодветна работна сила. Во март, бројот на непополнети работни места за кои работодавачите не можат да најдат соодветна работна сила се зголеми за дополнителни 88.000 и сега изнесува рекордни 558.000.