Дали мигрантите се виновни за повеќето проблеми на Германија?

Германија во последните десет години стана една од главните дестинации за имигрантите од целиот свет. Според податоците, помеѓу 2014 и 2024 година, приближно 14 милиони луѓе имигрирале во Германија, од кои повеќето останале во Германија. Главните причини за оваа миграција се економските можности, политичката стабилност и отвореноста на земјата за прифаќање бегалци за време на кризни ситуации како што се сириската војна и конфликтот во Украина.

Најголемите мигрантски групи и нивните активности

Меѓу најголемите имигрантски заедници во Германија се луѓе со турско (2,6 милиони), полско (1,4 милиони) и сириско потекло (890.000). Овие групи значително придонесуваат за различноста на германското општество, но и за економијата преку учество на пазарот на трудот. Вработеноста варира меѓу различни групи – Полјаците и Романците бележат највисоки стапки на вработеност (75-80%), додека кај бегалците од Сирија и Авганистан оваа бројка е значително помала, што е поврзано со потребата за јазична и културна интеграција.

Од друга страна, невработеноста кај имигрантите останува предизвик. Се движи од 5% кај вработените граѓани на ЕУ до над 20% кај луѓето од кризните области како Авганистан. Причините се различни – од тешкотии во препознавањето на квалификациите до недоволна интеграција во германското општество.

Влијание врз германската економија

Имиграцијата е меч со две острици за Германија. Позитивните аспекти вклучуваат пополнување работни места во секторите кои страдаат од недостиг на работна сила, како што се здравството, градежништвото и логистиката. Имигрантите исто така носат различност што ја збогатува културата и иновациите. На пример, Романците и Бугарите често работат во индустрии кои се клучни за економијата, додека турската заедница придонесува како претприемачка сила во малите и средни претпријатија.

Сепак, интеграцијата на бегалците бара значителни ресурси, вклучувајќи инвестиции во образованието, јазични курсеви и социјална помош. Ова врши притисок врз буџетот, особено во време на економска неизвесност. Исто така, високите стапки на невработеност кај некои групи предизвикуваат социјални и политички тензии.

Но, бидејќи Германија се соочува со опаѓање на наталитетот и недостаток на работна сила, нејзината економија е принудена да увезува работна сила. Во врска со ова, дизајнирани се различни програми за имиграција на работници, а новиот прилив на население се јавува најмногу преку имиграција од подрачјата погодени од војна.

Вистинскиот процент на невработени имигранти е помал отколку што мислите

Преовладува мислењето дека процентот на невработени мигранти е висок, но треба да се внимава со оваа статистика. Голем дел од нив работат, поточно околу 53% од нив се вработени.

Тоа не значи дека останатите 47% не работат ништо, но тука спаѓаат луѓето кои чекаат работна дозвола, како и луѓето кои одат на училиште за јазици, како и оние кои одат на обука на работа (Ausbildung).

Во 2024 година, стапката на невработеност на имигрантите во Германија беше во просек 15,2 отсто.

Најголемите мигрантски групи во Германија и нивните стапки на невработеност

  • Турција: Приближно 2,6 милиони луѓе. Стапка на невработеност: 10–12 %.
  • Полска: Приближно 1,4 милиони луѓе. Стапка на невработеност: 5–7%.
  • Украина: Приближно 1,2 милиони луѓе. Стапка на невработеност: 45%.
  • Сирија: Приближно 890.000 луѓе. Стапка на невработеност: 15–20% (поради многу новодојденци).
  • Италија: Приближно 730.000 луѓе. Стапка на невработеност: 8–10%.
  • Романија: Приближно 680.000 луѓе. Стапка на невработеност: 4–6 %.
  • Грција: Приближно 430.000 луѓе. Стапка на невработеност: 10–12 %.
  • Хрватска: Приближно 360.000 луѓе. Стапка на невработеност: 5–7 %.
  • Бугарија: Приближно 340.000 луѓе. Стапка на невработеност: 4–6 %.
  • Ирак: Приближно 310.000 луѓе. Стапка на невработеност: 15–20 %.
  • Авганистан: Приближно 300.000 луѓе. Стапка на невработеност: 20–25 %.

Стапките на невработеност во голема мера зависат од фактори како што се статусот на престој, степенот на образование и должината на престојот во Германија. Сириските, украинските, ирачките и авганистанските имигранти често имаат повисоки стапки на невработеност бидејќи многумина доаѓаат како бегалци и сè уште се подложени на мерки за интеграција.

Заклучок

Денес Германија има многу проблеми, почнувајќи од скапата енергија, падот на извозот и производството, влегувањето во рецесија, како и инфлацијата. Една од жешките теми е имиграцијата, која често се наведува како главна причина за падот на животниот стандард во последните години.

Сепак, имиграцијата е само мал дел од проблемот, а имигрантите во Германија не создаваат преголем товар на државата. Германија има долга историја на мигрантска политика и со текот на времето тие создадоа солиден систем за примање и насочување на новите имигранти.

Секако, има одреден процент на оние кои не го почитуваат законот и создаваат проблеми на пошироката заедница. Но, таквите лица на крајот завршуваат во затвор или протерани од државата.

Според последните податоци, вкупниот број на имигранти во Германија е 14 милиони луѓе, што претставува 14,5% од вкупното население. Нагласуваме дека се работи за лица БЕЗ германско државјанство.

Процентот на невработеност кај имигрантите е приближно 16%. Овој процент може да достигне до 45% за, на пример, Украинците кои моментално минуваат низ процесот на интеграција на германскиот пазар на труд.

Кога се гледа вкупниот број на невработени во Германија, кој изнесува 2,8 милиони, бројот на невработени имигранти е приближно 448.000.

Значи, процентот на невработени имигранти во однос на вкупниот број на невработени во Германија е приближно 16%. На крајот, треба да се нагласи дека имиграциската политика е долгорочен план, чии позитивни показатели можат да се видат само по одредено време, бидејќи секоја нова генерација родена во Германија ќе биде подобро интегрирана преку образованието и растењето.

Извори:

  1. https://www.bamf.de/SharedDocs/Anlagen/DE/Statistik/BundesamtinZahlen/bundesamt-in-zahlen-2023.html
  2. https://listenfueralle.de/die-welt/die-groessten-einwanderergruppen-in-deutschland/
  3. https://www.bpb.de/kurz-knapp/zahlen-und-fakten/sozialbericht-2024/553032/eingewanderte-und-ihre-nachkommen-in-deutschland-seit-dem-jahr-2005/
  4. https://doku.iab.de/arbeitsmarktdaten/Zuwanderungsmonitor_2404.pdf
  5. https://de.statista.com/statistik/daten/studie/884964/umfrage/arbeitslosenquote-von-auslaendern-in-deutschland/
  6. https://doku.iab.de/arbeitsmarktdaten/Zuwanderungsmonitor_2409.pdf

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија