Дојче Веле: Мерки против високите цени на горивата во Германија?

Германската влада размислува за олеснувања за граѓаните поради зголемените цени на горивата. Министерот за финансии Кристијан Линднер има конкретен предлог. 

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер најавува дека владата „наскоро“ ќе донесе одлуки во врска со многу зголемените цени на енергијата и горивата. Потребни се „брзи и флексибилни решенија“, вели Линднер и оценува дека државата не смее да ги остави луѓето сами во кризата. Пакет мерки за олеснување на товарот од зголемените цени најави и министерот за економија Роберт Хабек.

Можен попуст при полнење бензин

Сѐ уште е нејасно како би изгледале мерките на владата. Според весникот „Билд“, Линднер има намера да обезбеди олеснување за возачите со воведување на попуст на бензинот. Министерот за финансии сака воведување на утврден попуст на цената на горивата, со кој цената ќе се притиска кон границата од две евра. Попустот би можел да изнесува 20 центи по литар, но може да биде и поголем, пишува „Билд“.

Оваа идеја не е нова. Во Франција е веќе најавен попуст од 15 центи за литар. Субвенцијата треба да почне да важи од 1 април и нејзиниот рок засега е ограничен на четири месеци. Тоа ќе ја чини Франција околу две милијарди евра, објасни премиерот Жан Кастекс.

И економијата бара помош

Поради високите цени на енергијата страдаат и компаниите. Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) предупреди од експлозија на трошоците за компаниите и од владата побара краткорочни мерки за стабилизација. Според ДИХК, неопходне е намалување на давачките за државата и на данокот на електрична енергија, па дури и ако е потребно – директни ургентни дотации.

Извор: Dw.com

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија