Во 2020 година помал број македонски граѓани добиле германско државјанство отколку во 2019-та. Главен виновник за тоа е пандемијата.
Во пандемиската 2020-та година помал број странци во Германија добиле германски пасош отколку во годината пред тоа. Така е и со граѓаните од Северна Македонија. Имено, во 2020-та германски пасош добиле 690 македонски граѓани (310 мажи и 380 жени), што претставува намалување од околу 19 проценти во споредба со 2019-тата, кога германски пасош добиле 850 граѓани од Северна Македонија (400 мажи и 450 жени). Со тоа продолжува надолниот тренд забележан во последните години. Имено , во 2018 година германски пасош зеле 940, а во 2017 година – 988 македонски граѓани.
Тренд на намалување се забележува и кај сите останати националности, а тоа, како што се соопштува од Сојузниот завод за статистика, се должи пред сѐ на пандмеијата на коронавирус и Брегзит. Во 2020 година германско државјанство добиле вкупно 109.900 странци, односно 15% помалку отколку во 2019-тата: „Ова намалување се должи половина на намалувањето на давањето државјанства на Британците“, велат статистичарите. Имено, во 2020 година германски пасош добиле само 4.900 британски државјани, што е за цели 66% помалку од 2019.
Ако се изземат државјанствата за Британците, статистиката вели дека во 2020 година германски пасош добиле 8% помалку странци во споредба со годината пред тоа. Тоа делумно се должи и на фактот што во година на пандемија надлежните служби работеа со „подолго време на чекање и обработуваа помалку барања“.
Во 2020 година германски пасош добиле луѓе од 173 нации. Една четвртина од нив се луѓе од ЕУ. Притоа романските државјани ја сочинуваат најголемата ЕУ-група – 5.900. Претходно на врвот на ЕУ-листата беа Британците и Полјаците.
Што се однесува до државите кои не се членки на ЕУ најмногу германски државјанства им биле дадени на Турци, иако и кај нив има намалување од 16.200 во 2019 година на 11.600 во 2020-тата.
„Сириските државјани првпат се втора по големина група меѓу оние кои добиле државјанства“, соопшти заводот за статистика. Сепак, нивниот број, за разлика од другите нации, во 2020 година (6.700) бил поголем отколку во 2019-тата (3.900). „Се очекува во наредните години овој број и натаму да расте, затоа што сѐ повеќе Сиријци кои допатувале помеѓу 2014 и 2016 година барајќи заштита ќе ги исполнуваат условите за добивање државјанство“, соопштува Сојузниот завод за статистика.
Извор: Dw.com