Mорам да разочарам некои од вас: деновите на правење милиони со 100-че влог за жал поминаа. Ако имате некој денар плус и сте расположени за буквално играње, во кое има шанси да ги изгубите – направете го тоа, но не го вложувајте животот во истите и не очекувајте да направите милиони преку ноќ.
Целата берза на криптовалути моментално е доста развиена а во исто време и лабилна како млечен кец на првоодделенче. Има преголем интерес, одлично се развива цела blockchain технологија и скоро секојдневно има некоја нова криптовалута. Така да, моментално сите криптовалути се на чистилиште, па за некое време ќе видиме кои ќе пропаднат, а кои ќе отидат во пеколот односно рајот.
Пред да ве нападнам со, за некои од вас, непознати поими, да почнеме од почеток.
Што се криптовалути и зошто постојат?
Ќе ве вратам за момент назад во 2008, годината на светската економска криза, годината во која целиот банкарски систем беше на раб на пропаст, годината каде владите беа оние кои ги спасуваа банките, а цената ја плативме ние, даночните плаќачи, кои пак бевме скоро извисени од целиот банкарски систем. Видовме колку е лабилен, а ни наложува да имаме безусловна доверба во истиот.
Замислете ги банките како човек на кој му го давате вашиот последен заштеден денар и кога сакате истиот да си го подигнете тој ви кажува дека може да ви врати само дел од парите зашто другите се потрошени. Зезнато нели? Тоа се случува зашто со дел од нашите вложени пари банките работат, па во случај на грешка во системот, доколку сакаме да си ги подигнеме парите од банка, нема да ни дозволат да ја земеме цела сума зашто тој дел од парите е на пазар моментално.
Што се случува со fiat валутите во кои спаѓаат Денарот, Доларот, Еврото и колку сигурна инвестиција се истите? Вредноста на овие валута зависи од политиката на државата односно владата. Може да дојде до инфлација, односно ако имате 600 денари со кои што може да купите 10 евра, во случај на инфлација тие 600 денари да ви вредат 1 евро или во случај на дефлација да вредат 100 евра, сè во зависност од политичката стратегија на една држава. Пак зависиме од некого? Да.
Единствено нешто врз чија вредност нема никакво владино или банкарско влијание е златото. Да, златото, она златно ланче поклон од баба ви за полуматура е нештото кое со години па и векови ни гарантира финансиска безбедност, без притоа да треба да веруваме во некаков систем или политика на држава.
Епа токму тоа е поентата на криптовалутите.
Во екот на финансиската криза во 2008 (да уште сме во 2008) се појавува анонимец под псевдоним Сатоши Накамото и го претставува неговото ремек дело наречено Blockchain односно Bitcoin, првата децентрализирана криптовалута, валута врз која ни една банка нити влада може да влијае, валута која воведува стар принцип на работа во ново руво.
Зошто стар? Да го разглобиме начинот на работа и трговија со златото кој е simple as fuck и ќе го сфатиме начинот на работа на криптовалутите.
Како функционираат криптовалутите?
Злато може да купиме и може да ископаме од рудник, истото се случува и со Bitcoinот, може да го купиме или може да го ископаме.
Замислете дека имате сопствен рудник во кој ви работат џуџиња и вадат злато, златото се блокови со Bitcoinи, а џуџињата се вашиот компјутер. Рударите добиваат плата што е неопходна за да продолжат со работа, а во нашиот случај на компјутерите кои работат за нас потребно им е струја.
Така да, место да делиме плати на џуџињата, ние си плаќаме сметки за струја. ? Колку повеќе џуџиња работат за вас, толку повеќе злато ќе извадите и толку повеќе плати треба да исплатите. Односно, колку повеќе компјутери имаме – толку повеќе Bitcoinи ќе ископаме, а сметката за струја на први ќе биде поголема.
Да не заборавиме дека количините на злато се ограничени, односно не можеме константно да копаме од ист рудник (зашто ќе го снема), па така и количината на Bitcoinи е ограничена на 21 000 000. Според алгоритамот на доделување, се очекува последниот Bitcoin да биде ископан во 2140.
Сигурен сум дека малце ве збунив со целово доделување Bitcoinи и алгоритми, но ќе објаснам сè.
Предупредување: Влегуваме малце во длабокото
Што е Blockchain и како функционира?
Целата технологија на која е базиран Bitcoin се нарекува Blockchain, а подеталниот принцип на работа е следниов:
Да речеме дека живеете во град со 2000 жители, во кој за секоја направена трансакција жителите плаќаат по 1 Bitcoin. Чичко поштар ви носи книга полна со 2000 трансакции направени од вашите комшии, вклучувајќи ве и вас, а ваша работа е да проверите дали секоја трансакција е валидна. Откако ќе ги проверите сите трансакции ќе бидете наградени 50 Bitcoinи.
Во случај да сакате побрзо да ја завршите истата работа имате опција да повикате еден или повеќе комшии да ви помогнат, а добивката да ја поделите рамномерно. Откако ќе завршите со проверка, доколку имате ваша трансакција ја запишувате во книгата, си плаќате 1 Bitcoin за истата, а книгата ја праќате кај вашиот комшија за проверка.
После неколку години популацијата на вашиот град се зголемува на 5000, што значи дека следната книга што ќе ви ја донесе поштарот ќе содржи 5000 трансакции, а вие за истата работа ќе бидете наградени 25 Bitcoinи. Да, помала награда, ама поголема шанса да си најдеш дејт. Во ист размер продолжува да се зголемува популацијата на градот, а намалува наградата, за на крај да се заработи и последниот Bitcoin.
Тука не завршува приказната, градот продолжува да функционира, повторно се прават трансакции помеѓу жителите, но сега процентот за направена трансакција кој го плаќаат жителите е зголемен на 10 Bitcoinи. Така што, доколку сакате да продолжите со истата работа, ќе бидете наградувани со одреден број Bitcoinи, доволно за да ве мотивира да продолжите со работа.
Така фукционира целиот процес да заработување Bitcoinи, само во реалниот свет работата наместо вие ќе ја вршат вашите компјутери. Да напоменам, цените за трансакција и наградата за вашата извршена работа се фиктивни, а истите може да варираат.
Како и од каде да купам криптовалути?
Да се вратиме во реалноста.
Немате Bitcoinи а сакате да купите? Доколку се јавите на телефонскиот број испишан на вашите мали екрани во наредните 10 минути ќе добиете не еден, туку два Bitcoinи по цена за еден.
Не. Тука имаме мал проблем кој може да се заобиколи. Проблемот во нашата држава (како и секогаш) е што има закон кој не дозволува инвестирање во странски берзи.
Замисли?!
Овој закон го делиме со Албанија, додека во Приштина има АТМ, односно банкомати, преку кои може директно да се купат криптовалути. Да, идеш на банкомат да си купиш Bitcoin, simple as that.
Спомнав дека овој закон (прилично лесно) може да се заобиколи но не смеам да го наведам начинот, така да ќе оставам на вас да ја искористите моќта на Google и да дознаете нешто повеќе. Откако ќе се шверцнеме, ќе стигнеме до моментот од каде да купиме.
Најактивен маркет во моментов е coinbase.com, доволно е само да си направите акаунт и да влезете во светот на криптовалути, каде што може да се купат, трејдаат, продадат криптовалути.
Како да „копам“ криптовалути?
Наместо да купите сакате да копате? За ова ќе ви треба доста солиден хардвер за да имате профит. Со еден компјутер, пред 10 години ќе постигневме некаков резултат, односно профит, бидејќи целата берза на криптовалути не беше доволно развиена односно бројот на “рудари” беше помал, а заработката поголема.
50 Bitcoinи за проверка на 2000 трансакции ви текнува? Епа денес бројот на „рудари“ е огромен. Постојат цели фабрики за копање криптовалути. Пред неполн месец во Исланд количината потрошена струја за машини за копање ја надмина онаа што ја користат домаќинствата. Зошто баш Исланд? Зашто имаат ниски температури поволни за машините да работат, без да има потреба да се трошат пари на уреди за ладење, што е причина плус зашто зима е покул од лето!
Каква опрема ми е потребна за да копам криптовалути?
Да се вратиме на опремата потребна за копање. Според мене, имате две исплатливи опции:
Bitmain (нека трепка)
Bitmain е фирма која произведува хардвер само за мајнање и не може да го постигне пазарот со производствно зашто е пре-го-лем и побарувачката огромна. Tака да, доколку си нарачате сега ќе треба да почекате неколку месеци, но ќе ви се исплати. Хардверот има помоќни чипови од било кој комерцијален продукт како графички карти да речеме, а исто и троши помалку струја така што заработката би ви била поголема и ќе го имате задоволството да направите „make it rain“ со Bitcoinи или да им залепите на крафтверк по еден Bitcoin на чело за одличниот концерт (ненамерна реклама).
Мајнинг ригови
Звучи како нешто искочено од Татуин, а уствари се само повеќе графички картици поврзани на една матична плоча. Можат да се најдат во буквално било која продавница за хардвер, а може и да си ги склопите сами со помош на Google или YouTube. Ви треба само основно познавање на хардвер and you’re ready to go!
Како да ги чувам моите криптовалути?
And, the last but not least – каде да ги чувате вашите криптовалути откако ќе ги купите / ископате.
Ако случајно, ептен случајно направите акаунт на coinbase.com ќе ви понудат дигитален новчаник. Не е лош, досега не се случило некој да ги ограби, ама сепак ако сакаме си играме со поголеми суми ни треба поголема безбедност така?
За сега најбезбедни се хардверските новчаници, односно усб стикови, што ни тенк не може да ги пробие. Во случај на грабеж заштитени се со пинови кои не така лесно се пробиваат, а во случај да ве киднапираат и да ви се закануваат по живот за да го кажете пинот, некои имаат опција за отворање на втор „фејк“ новчаник на истото усб, каде што би чувале некоја минимална сумам која би ја дале колку да спасите гз.
Сериозно, до тој степен се смислени чудава. Ова се официјалните сајтови на производите, а истите може да ги најдете и на Amazon.com: (1) www.keepkey.com, (2) www.ledgerwallet.com и (3) www.trezor.io.
Кои други криптовалути постојат покрај Bitcoin?
Во целиов текст го како референтна криптовалута го земав Bitcoin од проста причина што е позната на сите. Целата технологија на која работи Bitcoin е open source т.е. секој може да го надогради и усоврши кодот и не, не може секој да си се почасти Bitcoin.
Поради тоа што е open source се случува со модификација на истиот код да се направи нова криптовалута или познат како fork (вилушка). Визуелизирајте си го како вилушка каде што дршката се вика Bitcoin а забците кои искачаат од истата се други криптовалути.
Постојат повеќе криптовалути моментално, а најкористени се Bitcoin, Ripple, Litecoin и Etherium или да ви олеснам – сите останати можете да си го проверите на coinmarketcap.com. Сите криптовалути работат на истиот начин како и Bitcoin, со некои минимални разлики, кои ќе ги објаснам во некој друг текст. За сега доволно е ова.