Како да се постапи во случај на провала или сообраќајна несреќа?
Ако сакате да наплатите штета од осигурување, мора да следите одредени правила. На пример во случај да откриете кражба во куќа или стан, не смеете да чистите ако имате Hausratversicherung.
Затоа, треба веднаш да се јавите во полиција и нивниот извештај заедно со целата релевантна документација да ги доставите до осигурителната компанија. Како што веќе знаете од криминалните филмови и серии, пред да пристигне полицијата, ништо од работите не смее да се помести. Иако секоја полиса има свои општи услови за осигурување (AGBs), одредени клаузули се совпаѓаат со Hausrat-, Haftpflicht- и Kfz, имено:
- веднаш да ја извести осигурителната компанија за настанатата штета
- во случај на кражба, мора веднаш да повикате полиција
- составете список на украдени, оштетени и уништени предмети. Фотографиите и сметките од украдените предмети се доказ за сопственост на предметите што недостасуваат
- ако ви е украден велосипедот, информирајте ја осигурителната компанија за местото и времето на кражбата на велосипедот
- По пожар или кражба не смеете да го средувате и чистите станот, туку да чекате осигурителната компанија да испрати свој соработник кој ќе ја утврди причинетата штета.
KFZ осигурување
Доколку дојде до сообраќајна незгода, должни сте веднаш да го обезбедите местото на несреќата за да ги предупредите другите учесници во сообраќајот. Веднаш поставете сообраќаен триаголник на растојание од 100 метри од автомобилот. Носењето предупредувачки елек (Warnweste) е вообичаено. Доколку се повредени учесници во сообраќајот, а штетата на возилото е поголема од 1000 евра, повикајте полиција. Ако сте во странство тогаш обавезно повикајте полиција.
Сите учесници во несреќата треба да ги разменат своите лични податоци и информации поврзани со осигурувањето, како и бројот на регистарската табличка. Ако не се јавувате во полиција, запишете ги имињата на сведоците. Исто така, многу е важно, особено ако патувате во странство, да имате европски извештај за сообраќајна несреќа (Europäischer Unfallbericht) во вашиот автомобил.
Пред да го отстраните возилото од патот, фотографирајте го автомобилот за да имате доказ за вистинската состојба на местото на несреќата.
Веднаш известете го осигурувањето за сообраќајната несреќа. Пред да го дадете возилото на поправка, приложете кон осигурувањето прелиминарна фактура или понуда за поправка што сте ја добиле од автосервис или автомеханичар. (проценка = германски „Kostenvoranschlag“).
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.