Судбината на Ромите најчесто се набљудува низ призмата на нивниот живот и положба во земјите од Источна и Југоисточна Европа. Но, најбројното малцинство во Европа го има и во земјите на развиениот Запад и неговите припадници таму не се помалку погодени од разни видови дискриминација и запоставување.
Во обидот нешто да се измени во таквата положба на Ромите и Синтите Комисијата за права на децата на германскиот Бундестаг и УНИЦЕФ одржаа во Берлин конференција, на која беа претставени две студии: едната за нивната положба во Европа, а другата за Германија. Доротеа Јунг информира за ситуацијата во главниот град Берлин.
“Нагласи ги кусите и долгите самогласки…“
11-годишната Марија добива дополнителна настава во покраинското Биро на организацијата “Германски Синти и Роми“ во Берлин.
“Затоа што некои зборови ги пишувам погрешно и имам понекогаш лоши оценки по читање… но инаку немам никакви потешкотии“ – појаснува Марија.
Најдобро и‘ одат предметите ликовно и музичко. Со неа на дополнителната настава е дојдена и мајка и‘, ситна, темнокоса жена со загрижен поглед. “Кога не ќерка и‘ се‘ би и‘ одело толку добро како цртањето и музицирањето“ – воздивнува госпоѓа Г., која не сака да и‘ се објави полното име и презиме. Таа имено не му кажала на работодавачот дека му припаѓа на синтското малцинство.
“Знам многу сигурно дека кога би отишла и би му рекла дека сум Синтиса, тогаш мојата положба не би била добра. Сосема јасно ви велам дека намерно го прикрив моето потекло.“
Кога Марија слуша што раскажува мајка и‘, тогаш и самата почнува да раскажува како било кога таа кажала на училиште од каква народност е:
“Некои сакаа да дознаат повеќе за тоа, а на некои воопшто не им се допадна. Бидејќи некои Синти краделе, тие мислат дека сите сме такви!“
Луц Дисинг, говорник на покраинското Здружение на Синтите и Ромите од Берлин често слуша поплаки за дискриминација во берлинските училишта:
“Тогаш си посакуваме да има повеќе работа за надминување на таквите предрасуди и тоа од страна на училиштата.“
На пример да им се објасни на младите во главниот град дека повеќето од 7-те илјади Синти во Берлин веќе имаат германско државјанство, дека нивните семејства делумно живеат во Германија и повеќе од 100 години и ја сметаат како своја татковина. Или пак дека некои од источно-европските Рoми дошле во Берлин како бегалци од тешките услови во кои живееле во Чешка, Бугарија, Рoманија или од просторите на поранешна Југославија.
Така таткото на Феруш М. избегал во 1993-та година кога требало насилно да биде регрутиран во српската армија. Пет години подоцна по него доаѓа и семејството во Берлин – кусо пред 11-тиот реденден на Феруш.
“Овде беше подобро. Кога дојдовме во Германија барем до некаде не третираа како луѓе.“
Наспроти тоа не му било лесно на младиот Ром. Тој морал да гледа како неговите родители живеат во постојан страв од протерување. Мајка му паднала во тешка депресија поради тоа, а таткото попусто се обидувал да најде работа, бидејќи тоа не му го дозволувал статусот. Феруш сфатил дека во таквата ситуација мора сам да се погрижи за својата иднина. Германски научил на улица, бидејќи не одел на училиште:
“Никој не се грижеше за тоа, никој не ни напиша некакво писмо дека треба да одам на училиште. Тоа беше ионака тешко, морав постојано да одам со родителите во Службата за странци, да давам изјави поради барањето за азил…“ – раскажува Феруш.
Дека децата на барателите на азил се‘ до 2003-та не биле опфатени со обврската да одат на училиште потврдува и Германката Антје Хоферт, која во Берлин држи курсеви за дошколување на младите Роми. Азилантите до таа година биле сместувани во домови, е често биле и преместувани, така што децата од ромските смејства никако не можеле да пуштат корени, појаснува педагогот Хоферт. И раководствата на школските установи не биле информирани, тие мислеле дека децата на азилантите не подлежат на обврската за одење на училиште.
Помладиот брат на Феруш, 12-годишниот Тимо во меѓувреме ја презел улогата на преведувач за родителите, кои и ден денес не зборуваат германски. Тој и‘ помага на мајката која и понатаму страда од тешка депресија:
“Со неа одам на лекар, јас сум и‘ еден вид преведувач. Значи и‘ читам и службени писма итн.“
За разлика од постариот брат, Тимо оди во германско училиште и тоа со задоволство:
“Добро се чувствувам, играме фудбал секој пат кога имаме одмор во училиштето. Учителите се добри кон мене, имам и многу пријатели таму и си посакувам да останам овде во Германија…“
Тој сепак во училиштето и во друштвото не ја отркива вистината за своето потекло:
“Затоа што се срамам. Две девојчиња кажаа дека се Ромки и другите им се потсмеваа. Затоа не сакав да кажам дека и јас сум Ром.“
Наспроти помладиот Тимо, постариот Рамуш отворено зборува за својата припадност и нагласува дека нема друг избор. Сега посетува курс за компјутери и има намера да се запише на педагошка академија за да стане учител. И уште: многу се радува што за 10 дена ќе се ожени. Невестата секако потекнува исто од ромскиот народ!