Многу луѓе се надеваат на подобар живот во Германија. Бегалците од Сирија или Авганистан имаат добри шанси да останат трајно во Германија, додека изгледите на луѓето од Балканот се екстремно мали.
Какви изгледи имаат луѓето од земјите од Западен Балкан да добијат азил во Германија?
Србија, Македонија и Босна и Херцеговина во Германија важат за т.н безбедни, односно сигурни земји на потекло. Германската влада има намера да ја прошири листата и да ги додаде и Црна Гора, Албанија и Косово. Барателите на азил од сигурните земји на потекло речиси немаат никаква шанса да останат трајно во Германија. Само 0,2 проценти од барателите на азил од Западниот Балкан добиваат позитивен одговор на своите барања и тоа главно се работи за лица кои барат азил поради медицински причини.
Што е земја со сигурно потекло?
Земјите со сигурно потекло не ги прогонуваат своите граѓани и не практикуваат нечовечко или понижувачко казнување. Но дури ни граѓаните кои доаѓаат од земјите со сигурно потекло не смеат едноставно да бидат протерани. На секој подносител на барање за азил во Германија мора да му се пружи шанса правно да докаже дека во земјата му се заканува некоја опасност. Барањата на лицата кои доаѓаат од т.н. сигурни земји по правило се одбиваат, доколку не станува збор за некоја посебна ситуација.
Кој се смета за барател на азил?
Лицата кои ќе поднесат барање за политички азил се нарекуваат, за време на процесот на проверка за исполнување на условите за добивање статус – баратели на азил. Одлуката за барањето за доделување азил во Германија ја донесува Сојузното биро за миграции и бегалци (БАМФ). Тоа биро проценува дали подносителот ги исполнува условите за стекнување на право на политички азил или статус на бегалец. Се‘ додека се одлучува за тоа барање, подносителот мора да живее во специјални прифатилишта и не му е дозволено да работи.
Кој има право на азил во Германија?
Во германскиот Устав се наведува: „Политички прогонетите имаат право на азил“. За политички прогонети важат оние кои поради политички уверувања во својата татковина се до таа мерка изолирани што доаѓа до повреда на нивните човекови права. Тешката состојба, како сиромаштијата, не е причина за давање азил. По распадот на Варшавскиот пакт дојде до ограничување на правото на азил. Политички азил сега може да ужива само лице кое не доаѓа од т.н. земји со сигурно потекло.
Што се случува по одбивањето на барањето?
Во случај на одбивање на барањето за азил или непризнавање на статусот на бегалец, лицето мора да ја напушти Германија. Во спротивно, се заканува протерување. И против протерувањето, подносителот на барањето може да вложи жалба. За временскиот период кој ќе го мине чекајќи на протерување, или во случај протерувањето од безбедносни причини да не може да се изврши, лицата со одбиени барања за азил стекнуваат т.н. статус на толерирани бегалци. Причина за доделување ваков статус може да биде болест, некомплетни документи или состојбата во определена земја. Тоа може да се однесува и на малолетници без придружба на возрасни.
Кој се смета за бегалец?
Правно гледано, бегалецот за разлика од имигрантот е лице кое ги исполнува условите од Женевската конвенција за бегалци. Според тие критериуми, бегалец е некој кој поради својата раса, вера, национална припадност, политичко уверување или припадност кон одредена општествена група морал да го напушти своето место на живеење.
Кој е имигрант?
Имигрант е во принцип секој кој од едно место се сели во друго. Без оглед на тоа дали се работи за селидба во рамките на една земја или странство. Кога се говори за имигранти, по правило се мисли на лица кои доброволно го менуваат местото на престој, на пример поради семејни причини, или ново работно место.
Што значи Даблинската постапка?
Германија не одлучува за секое барање за азил. Според т.н. „Даблинска постапка“ на ЕУ, за постапката на азил е одговорна онаа земја во која подносителот првпат влегол на подрачјето на ЕУ. Во случај таа земја да важи како сигурна (сите земји на ЕУ важат за сигурни), барателите на азил, по правило, мораат да се вратат назад во таа земја за таму да го поднесат барањето.
Извор: dw.de