Бесперспективноста, сиромаштијата, длабоката политизираност се факторите кои го мотивираат иселувањето на младите. Студијата на Фондацијата Фридрих Еберт само потврдува дека Македонија е соочена со егзодус на младите.
Повеќе од половина од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома. Бесперспективноста, политичката неизвесност, длабоката партизираност се главните фактори кои ги демотивираат младите да ја планираат својата иднина во Македонија. Во отсуство на релевантни податоци и истражувања на државните институции, резултатите од студијата на Фондацијата Фридрих Еберт само го потврдуваат она што веќе одамна е загрижувачки тренд во земјата:
„Разочарувачки е што младите наместо ентузијазам губат волја да останат во државата. Најзагрижувачки е што дури 67% од испитаниците во анкетата се жалат на финансиски проблеми и не веруваат дека по образованието ќе најдат работа. Од друга страна кога ги прашуваме кои се факторите кои ќе влијаат за полесно да дојдат до работа на прво место ги наведуваат политичките и пријателски врски, а образованието е дури на трет ранг, пред професионалноста. Тоа значи дека младите губат ентузијазам ако немаат политички врски. Дури 39% од нив посакуваат работа во администрацијата што сепак е некарактеристично за младите луѓе. Овие податоци се поразителни“, изјави за Дојче веле Марија Топузова Латковиќ од Институтот за социоплошки и политичко правни испитувања, спроведувач на студијата.
Невладините организации кои активно се залагаат за правата на младите предупредуваат дека трендот може да стане уште позагрижувачки доколку не се преземат сериозни чекори во насока на мотивација на активно вклучените млади и едуцирани луѓе што се залагаат за позитивни промени во општеството:
„Ги губиме младите луѓе кои што можат да бидат погон, движечка сила на една општествена промена. Тие што се активни наместо да ги поддржуваме, прифатиме и охрабриме ние ги репресираме и предизвикуваме уште поголема автоцензура. Сите што се слободоумни и сакаат да предизвикаат промени и се залагаат за тоа постојано се дискредитираат, оцрнуваат. Сведоци сме и како за разни иницијативи известуваат медиумите. Во такви ситуации ние регистрираме тренд на губење на квалитетните луѓе кои заминуваат да студираат на Харвард, Стенфорд и други реномирани универзитети. А ние буквално старееме затоа што се помалку од тие што сакаат да учат, создаваат, да се ангажираат поинтензивно остануваат овде. Таквиот тренд не го регистрираме само ние туку и другите организациии слични на нашата. Затоа велам дека имаме одлив не само на млади и едуцирани луѓе туку и на општествено ангажирани луѓе кои не се дел од автоцензурата која што постои во Македонија. Студијата предупредува на сериозен проблем кој повеќе не можеме да го викаме миграција туку егзодус на младите од Македонија затоа што буквално и тоа се случува.Тоа е голем проблем“, коментира Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум.
Економските експерти воопшто не се изненадени од податоците. Но загрижени се како што велат од фактот што освен декларативно не се прави ништо за спречување на најквалитетните кадри:
„Светска банка уште во 2010 година објави дека 447,000 луѓе се отселени од Македонија што ни е четвртина од населението. Од нив 30% се високо образовани луѓе. Најголем проблем е да се загубат оние луѓе во кои сте вложувале 20 години, кога ќе ви отидат целото знаење и човечки капитал и тоа во најпродуктивните години. Ме загрижува лично дека најголем дел од овие луѓе се најамбициозните, интелектуалци кои се перфекционисти, кои се гушат во средина каде се непризнати, каде не можат да добијат работа за своите вештини туку мора да се потчинат на некои политички или државни апарати и да одработуваат за нив. Перцепцијата на повеќе аспекти покажуваат дека младите одат кон една депресивна состојба, го губат тој ентузијазам кој треба да биде водечки во една држава. Навистина се плашам дека или ќе ги изгубиме младите комплетно одејќи во странство, или еден ден ќе ни завршат на улица. Но не би сакал тоа да се случи затоа што тоа не е зоната каде тие треба да се борат за своите права“, коментира универзитетскиот професор Љупчо Ефтимов.
Мерките се неопходни но во услови на недостиг од официјални државни статитики е невозможно да се предложат и спроведат ефикасни решенија. Експертите предупредуваат дека е потребно сериозна стратешка определба за справување со предизвиците кои се последица на повеќе фактори. Таа на хартија ја има уште од пред три години, но резултатите досега изостануваат:
„Она што најмногу разочарува во моментов е што располагаме со податоците од истражувања на невладини и меѓународни организации. По кој знае кој пат покажуваме дека законски на хартија сме перфектни а во спроведувањето не нема никаде. Затоа велам дека е крајно време нешто да се преземе и тоа од сите чинители образовни, политички, економски. Фрапантен е податокот дека оваа студија се прави модел кој се спроведува во Германија од 1953 година од страна на компанијата Шел. Компаниите пред 60 години имале поголема општествена одговорност отколку нашата држава сега. Да се нема формален попис на население е многу чудно, да се промаши една година да во ред но воопшто да не се планира тоа е чудно од статистички аспект“, коментира Ефтимов.
„Немаме домашни податоци на кои што можеме да се повикаме, а апсурдно е и што Македонија која сега се справува со бранот бегалци и економски мигранти и самата е е една од земјите чии граѓани бараат азил во ЕУ заедно со уште три балкански држави. Се соочуваме со масовни миграции чии размери не можат да се утврдат бидејќи немаме официјални податоци. Тие доаѓаат од Еуростат, Светска банка но не и од Државниот завод за статистика. Ако дополнително се земе предвид фактот дека податоците се врз основа на попис стар повеќе од една деценија тогаш дополнително се поставува прашањето за веродостојноста на податоците со кои располагаме и тоа се реални проблеми и предизвици“, смета Костуранова
Студијата за млади во Македонија е спроведена од Институтот за социолошки и политичко – правни испитувања (ИСППИ) во 2013 во рамки на регионалниот проект на компаративна студија во земјите од поранешна Југославија, како и Романија, Бугарија и Албанија . Опфатена е група испитаници меѓу 15 и 29 години и дава претстава за нивната самоперцепција, проблемите и нивното гледиште за општествените случувања, како и за нивниот менталитет, ориентираност во светот, политички преференци и идни перспективи на младите генерации.
Извор: dw.de