Многу луѓе сонуваат за работа во странство, а голем е бројот на оние кои веќе го реализирале тој план. Но, ги прашавме оние кои посредуваат при вработување во странство, дали постојат случаи македонски работник да отиде во странство, да не може да се прилагоди на работните обврски и да се врати назад.
Милан Џинлев од Приорити солуции за вработување вели дека такво нешто кај нив не се случува, затоа што детално ги информираат кандидатите каде и колку ќе работат, за да нема непријатни ситуации подоцна. Дури, како што вели, кандидатите добиваат и фотографии од сместувањето во странство.
„Ние прво правиме скрининг, мораме да се запознаеме со карактерот на личноста, детално да ги презентираме условите, платите. Дури некогаш сме брутално искрени и подобро е во канцелација кандидатот да ни каже дека тоа е многу работа за него, дека е тешко, отколку да отиде таму на лице место и да го каже истото, па да се враќа назад“, вели Џинлев.
Донка Спасовска, сопственичка на агенцијата „Хоризонт“ вели дека мал е бројот на случаи кога работниците се враќаат назад и до тоа може да дојде само ако има прекршување на она што претходно е договорено како обврска. Доколку работникот има средена документација, тој може да побара прераспределба кај истиот работодавец.
„Доколку работникот е незадоволен може да побара да биде прераспределен кај истиот работодавец на друга позиција ако смета дека така ќе биде поисполнителен. Ако е отиден на „црно“ може да оди од една во друга фирма додека да го пријават“, рече Спасовска.
Од агенциите сметаат дека кај лица поединци кои носат работници во странство, постои ризик да има помпезни ветувања, но потоа состојбата на терен да испадне поинаква и работникот да се откаже.
Посредник кој ангажира работници за во Хрватска, вели дека во последно време има доста млади луѓе на возраст до 35 години, кои откако ќе отидат таму, бегаат од една фирма, потоа одат во втора или трета и се незадоволни.
„Младите сакаат пари, ама не се навикнати на толку работа. Бегаат од една во друга фирма и се незадоволни, но на крајот, не е до работата, до газдите, до платата, туку до нив самите. Постарите тие што имаат над 50 години се научени поинаку и тие си работат“, објаснува посредник за работа во Хрватска.
Македонец кој работи во Хрватска вели дека пропусти има и на двете страни, затоа што потфрлаат и работниците, не сите работници се вредни, но и не сите газди се чесни.
„Јас отидов како помошник да работам во градежништво, му кажав на газдата дека немам познавање, тој ме прифати, почнав да работам и по 2-3 месеци ми бараше ако можам да најдам работници. Сериозен работник тешко се наоѓа. Има градежници кои се прават мајстори, бараат дневница како мајстори, но кога ќе отидат таму се гледа дека не ја знаат работата доволно. Има и газди кои ветуваат многу, но на крај не испаѓа така или може да бидете во лоша работна средина и не секогаш парите се најважни, посебно ако сте во таква средина“, вели Никола од внатрешноста на Македонија.
И тој додава дека работата во странство не секогаш е лесна и дека има секакви ситуации. Посредник од Скопје кој бара работници за во Грција, вели дека има ситуации кога младите се откажуваат, затоа што имале преголеми очекувања, очекувале полесна работа, поголема заработка, дека ќе имаат време и за да одмораат покрај море, односно како што вели кандидатите се пријавуваат, но потоа ќе се испостави дека не одговараат за соодветните работни позиции.