Како до работна дозвола за Швајцарија

Добивањето дозвола за работа во Швајцарија зависи од многу фактори, вклучувајќи го Вашето државјанство, Вашите вештини, како и кадрите кои се потребни во оваа држава.

Швајцарија има двоен систем за регулирање на вработувањето странци – првиот се однесува на граѓаните од Европската Унија и ЕФТА, на кои генерално им е дозволено да дојдат во Швајцарија за три месеци, со цел да бараат работа. Во овој период дозволата може да се продолжи до шест месеци.

Вториот систем важи за граѓаните од таканаречените трети земји. Граѓаните од овие држави мораат да имаат загарантиран договор за работа од работодавецот, како и соодветна работна виза пред да влезат во земјата. Имањето понуда за работа сама по себе не е доволна за да Ви се гарантира дозвола за работа. 

На членовите на семејството на носителот на дозволата им е дозволено да останат и да живеат во Швајцарија, без разлика на националноста. Под членовите на семејството се подразбираат брачен другар, деца на возраст под 21 година, или деца на возраст над 21 година кои финансиски се зависни од него.

Правила за работници кои немаат ЕУ пасош

За еден работодавец да вработи работник кој нема ЕУ пасош, мора да докаже дека за конкретното работно место не бил најден соодветен работик од ЕУ, или немало заинтересираност. Ова е така, бидејќи граѓаните на членка на ЕУ/ЕФТА се секогаш во предност кога е во прашање вработувањето.

Сепак, работодавецот не е должен да вработи ЕУ граѓанин и има право да одбие таков кандидат, при што треба да поднесе образложение зошто го одбил. Доколку за работното место не е најден соодветен работник со ЕУ пасош, се земаат предвид работници од трети земји.

Слободните работни места мораат да бидат регистрирани во регионалните бироа за вработување (RAV), заедно со барањето за регистрација на работно место во европскиот систем на вработување (ЕУРЕС).

Кога е во прашање платата, придонесите за социјално осигурување и условите за вработување на странски работници, истите мора да бидат во согласност со условите вообичаени во регионот и во одреден сектор. Условите во некои сектори и занаети се утврдени во колективни договори на национално или во најмала рака, кантонско ниво.

Кога се поднесени апликации за занаети кои не се регулирани во никакви колективни договори, швајцарските власти обично бараат информации директно од здруженијата на работодавачите и работниците за условите во одреден сектор. Со ваквото претходно испитување на висината на плата и условите за вработување, властите можат се осигураат дека странските работници се заштитени и не се експлоатирани.

При поднесување на барањето, работодавачот мора да приложи договор за вработување кој е потпишан од негова страна, како и од страна на работникот. Притоа, договорот мора да содржи белешка во која ќе гласи дека истиот е валиден само доколку властите му дадат дозвола за работа на потенцијалниот работник. Тоа им нуди правна сигурност на двете договорни страни.

Процедура за добивање работна дозвола

  1. Прв чекор – поднесување на барање
    Работодавачот поднесува соодветна апликација со документи до службата за вработување. Во зависност од тоа кој е надлежен да ги испита апликациите, можно е истите да треба да се доставуват до Агенцијата за миграција на дадениот кантон. Работниците од држави на кои им е потребна виза, треба да аплицираат за виза во локалните Швајцарски дипломатски претставништва.
  2. Втор чекор – прва проверка на апликацијата
    Тука настапува соодветната Служба за вработување која следејќи ги ANAG директивите, носи прелиминарна одлука. Апликациите одобрени од оваа служба, треба да се достават до Државната служба за миграција за конечно одобрување.
  3. Трет чекор – втора проверка на апликацијата
    Втората проверка ја прави Државната служба за миграција според критериумите кои важат на ниво на цела Швајцарија. По донесената одлука, апликантот, работодавачот и двете кантонските канцеларии добиваат формално писмено решение.
  4. Четврти чекор – издавање на виза
    Откако е одобрена дозвола за работа, доколку е потребна виза, кантонската служба за миграција испраќа барање до соодветното дипломатско претставништво во државата каде што живее кандидатот. По изготвување на визата, кандидатот треба да ја подигне од амбасадата.
  5. Петти чекор – регистрирање
    По пристигнувањето во Швајцарија, кандидатот треба да се регистрира во соодветната канцеларија во рок не подолг од 14 дена од денот на неговото влегување во државата. Откако ќе се регистрира, може да почне со работа.

Дали Швајцарија ги сака работниците кои не се од држави членки на ЕУ?

Во ноември минатата година, Владата на Швајцарија објави дека бројот на работни дозволи на граѓани од земји кои не се членки на ЕУ, ќе се намали од 8.500 до 6.500 годишно, почнувајќи од 1 јануари.

Оваа одлука наиде на поздрави, но и загриженост, особено во некои кантони. Претседателот на CDEP, Андреас Рикенбахер, предупреди дека некои кантони како што Базел или Женева, каде има повеќе мултинационални компании, ќе страдаат заради ваквото ограничување на квотата: „Постојат некои фирми кои ќе наидат на многу проблеми од оваа одлука, бидејќи ќе бидат ограничени во вработувањето на странци кои не доаѓаат од држава членка на ЕУ. Секое натамошно намалување на квотите ќе го влошат овој проблем.“

Владата одлучи дека од оваа година ќе додели 4.000 дозволи за краток престој и 2.500 т.н. Б дозволи. Ова е дозвола за престој од пет години која се доделува на работници кои имаат договор за работа на неограничено време, или договор за работа во времетраење од 12 месеци најмалку.

Повеќе информации за работните дозволи во Швајцарија, прочитајте тука.

За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Швајцарија