Можат ли странци да аплицираат за финансиска помош за студенти во Германија?

Германија има систем за финансиска поддршка на студенти познат како BAföG. Тоа е кратенка од збор кој веројатно би бил најдолг во многу јазици освен во германскиот: Bundesausbildungsförderungsgesetz, што значи Федерален закон за помош за обука. 

Уште од 70-тите години овој закон им помага на посиромашните Германци со идејата дека финансиските тешкотии не треба да бидат пречка за влез во високото образование. Во сегашната форма, законот им овозможува на студентите од посиромашните фамилии да добиваат 853 евра месечно, од кои половина се стипендија, а половина се заем што ќе треба да се врати кога студентот ќе се вработи. Максималната сума што се очекува еден студент да ја врати е 10.000 евра. Во 2020 година околу 460 илјади студенти добивале ваква помош.

Кој може да добие ваква помош?

Има два основни услови за да се добие оваа финансиска помош: мора да сте помлади од 30 години и вашите родители да имаат ниски примања. 

Има некои исклучоци од рестрикциите во однос на возраста. Ако можете да покажете дека не сте биле во можност да студирате пред 30. роденден поради здравствени или фамилијарни причини, тогаш ќе можете да добивате помош и подоцна. Исто така, ако аплицирате за помош за магистерски студии, тогаш тоа може да го направите до 35-годишна возраст. 

Според германскиот закон, родителите имаат обврска финансиски да го поддржат едуцирањето на децата. Тоа значи дека германските власти бараат докази од нивните приходи за да проценат дали ви е потребна државна помош.

Но, што е со странците? 

Bafög не е само за Германци, туку и за повеќе категории странци. 

Правилата според кои странците можат да добиваат финансиска поддршка се комплицирани, но следниве се некои од клучните:

-aко сте жител на земја членка на Европската Унија или Европската економска област и имате живеено во Германија најмалку 5 години;
-aко сте сопружник или дете на жител на ЕУ кој живеел во Германија најмалку 5 години;
-aко сте жител на ЕУ кој живее и работи во Германија и чии студии се поврзани со моменталната работа;
-aко не сте жител на земја членка на ЕУ, но сте добиле постојан престој во Германија;
-aко имате статус на бегалец;
-ако сте живееле во земјата најмалку 15 месеци како „толерирана“ личност (односно сте аплицирале за азил, но не ви бил даден целосен бегалски статус);
-ако најмалку еден од вашите родители живеел и работел во Германија 3 од изминатите 6 години;
-ако сте во брак со Германец/Германка и сте се преселиле во Германија;
-ако сте сопружник или дете на странец кој има дозвола за постојан престој.

Поради релативната сложеност на правилата, се советува да разговарате со локални организации кои поддржуваат студенти како што се Studentenwerk HamburgStudierendenWERK BERLIN или Studentenwerk München.

Како се одвива враќањето на парите?

Федералното министерство за образование истакнува дека се очекува да го вратите заемот дури и ако се вратите во вашата татковина по завршувањето на студиите. Враќањето почнува 5 години по добивањето на последната рата од заемот, кога се очекува да почнете да враќате по 130 евра месечно. Сепак, оваа сума може да се намали ако ви е мала платата. 

Извор: The Local

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија