Според најновото рангирање на Henley & Partners, германските државјани го имаат највредниот пасош, со што Велика Британија и САД годинава паднаа од врвот. Оценувањата беа правени според тоа во колку земји граѓаните можат да патуваат без виза. Оние кои имаат германски пасош, можат да патуваат во 177 од можни 218, додека пак Британците можат да патуваат во 175, а Американците во 174 држави.
Минатата година, Велика Британија заедно со Германија се рангираше на првото место, но годинава падна од врвот заради визните ограничувања од неколку земји кои ги доби во текот на 2015 година. Годинава исто така е престигната од Шведска, со што сега го дели третото место со Франција, Италија, Шпанија и Финска. Додека пак Белгија, Данска и Холандија го делат четвртото место со САД. На дното на листата и оваа година се наоѓа Авганистан, чии граѓани можат да посетат само 25 земји без виза.
„Од вкупно 199 рангирани држави, само 21 ја задржале својата позиција од лани, што значи дека постојат значителни промени оваа година. Сепак, ниту една земја не падна за три позиции, што укажува дека безвизниот режим се подобрува на глобално ниво“, изјавија од Henley & Partners.
Четири земји направија особено голем напредок, а тоа се Тонга, која скокна за дури 16 места, Палау скокна за 20, Колумбија за 25, а Источен Тимор беше рекордер и годинава се искачи за дури 33 места погоре. Во текот на 2015 година, Малта доби безвизен пристап до уште две нови држави, што ја стави на деветтата позиција за најмоќен пасош. Од нашите соседи, највисокото место го држи Грција, која воедно го има еден од десетте најмоќни пасоши, делејќи го седмото место заедно со Нов Зеланд.
Република Македонија се наоѓа на 45 место со право на патување во 111 држави без виза. Словенија е на 12 место, Бугарија на 21, Србија е на 43 позиција, Црна гора на 47, Босна и Херцеговина на 52, а Албанија на 53 место.