На Кинезите им е полесно да ја посетат Месечината отколку Македонија

Ако се прашувавте каде ли во последниве неколку години исчезнаа групите со туристи од Кина, кои со својата појава и љубопитство дополнително им даваа радост и тежина на туристичките знаменитости низ Македонија, одговорот нема баш да ви се допадне, оти причината е, ни помалку ни повеќе: административна.

Имено, и покрај тоа што туристите од Кина најавија враќање на Балканот по пандемските години, сепак тие се принудени да ја заобиколуваат земјава, бидејќи за да стапнат на македонско тло потребно е да извадат шенген виза за која треба да потрошат многу нерви и време.

Туроператорите веќе подолго време маки мачат за да се изборат со проблемот со затворените граници на земјава, но, како што велат, нема никаква реакција од институциите за олеснување на постапката за влез на странски туристи.

Туристичките работници со коишто разговаравме велат дека државата не знае да си го искористи потенцијалот за патување на земјите со бројно население како што е Кина.

Не можеш да очекуваш да живееш од туризмот, а воопшто да не вложуваш во оваа гранка. А токму така се однесува нашата држава, која го става туризмот на последно место. Едноставно, не знаеме да го искористиме потенцијалот на туристите од големите земји. Кинезите нѐ одминуваат како да сме лепрозни, а тоа најмногу го користат Бугарите, Србите и Албанците. Економските промотори речиси и да не се интересираат за оваа проблематика. Воопшто не се ни обидуваме да го олесниме визниот режим и да ги користиме искуствата на другите земји од регионот – коментира туристички работник од Скопје.

За да знаеме што точно губиме, податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани во периодот јануари-декември во земјава престојувале дури 537,436 странски туристи, а од нив само 1.039 биле дојдени од Кина.

Во првите три месеци од годинава, пак, 81,191 странски туристи престојувале во Македонија. Тие оствариле 152,204 ноќевања кои ги направиле најмногу во Скопје и во објекти покрај македонските езера.

Најбројни биле туристите од Турција, Србија, Грција и од другите земји од регионот, но имало и туристи од Нов Зеланд, Кореја, Јапонија и од Бразил.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за годинава ветуваше дека ќе обезбеди повеќе од 3,2 милиони ноќевања и прилив на 430 милиони долари.

Таа најави и многу нови проекти, национална кампања на Јутјуб и на Гугл, туристичко брендирање на земјава како дестинација, патно означување на туристичките атракции, брендирање на граничните премини, дигитализација, како и градење на платформата Е-туризам.

Но, сето тоа го насочува на земјите од поблискиот регион, а за олеснување на визниот режим речиси и да не се зборува.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија