Од денеска нови построги корона-мерки во Германија

Во цела Германија сега се на сила поостри мерки, со цел да се сузбие ширењето на новата варијанта на коронавирусот – Омикрон. Дозволени се средби на максимум десет вакцинирани или прележани лица.

Во битката против натамошно ширење на коронавирусот, уште осум германски сојузни покраини посегнаа по поостра регулатива. Построги ограничувања на контактите сега важат и во Баварија, Берлин, Хесен, Северна Рајна Вестфалија, Сар, Саксонија, Шлезвиг-Холштајн и Тирингија. Останатите сојузни покраини веќе имаа воведено  слични мерки  од претходно, со цел да се обезбедат подобро против распространувањето на високо вирулентната мутација  Омикрон. 

На приватни средби, како внатре така и надвор, во Германија сега можат да се соберат само до десет лица кои се вакцинирани или прележани. Кај невакцинираните, членовите на едно домаќинство смеат да се сретнат само со уште две други лица. Клубовите и дискотеките се затвораат. За слободни активности, култура и трговијата и натаму важи правилото 2Г или 2Г плус. Исклучок се продавниците за производи за секојдневна употреба.

На својата средба на 21 декември, сојузната влада и покраините одлучија дека  заострените мерки  мора да важат во целата земја најдоцна од 28 декември. Во одделни покраини постојат и уште подрастични правила, на пример полициски час за гастрономијата. Примената на мерките во основа е во надлежност и одговорност на одделните покраини.

Седумдневната инциденца во  Германија во последниве денови бележи опаѓање. Институтот Роберт Кох соопшти дека за минатата недела нејзината вредност за нови инфекции на 100.000 жители изнесува 215,6. Здравствените заводи во текот на 24 часа регистрирале 21.080 нови инфекции и 372 смртни случаи.

Институтот Роберт Кох потенцира дека за време на божиќните празници и претстојните новогодишни празници се очекува намалено пријавување на резултатите на тестирањата, па официјалните резултати можат да дадат само нецелосна слика за ситуацијата со пандемијата.

Извор: dw.com


За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија