Според статистичките податоци објавени оваа недела, просечната месечна плата на швајцарските работници во периодот од 2012 до 2014 година, се зголемила за 1,2% со што сега изнесува 6.189 франци. Со ова, работниците во Швајцарија се меѓу најплатените во светот.
Од друга страна, просечната плата на повисоките раководители и менаџери, во 2014 година падна на 18.939 франци месечно, за разлика од 2012 година кога истата изнесуваше 23.444 франци.
Просечната плата на работниците во финансискиот сектор изнесува 9.549 франци, додека пак вработените во фармацевтската индустрија во просек заработуваат по 9.694 франци месечно.
На долниот дел од скалата се работниците во прехранбената индустрија (5303 франци) и оние кои се вработени во трговија на мало (4761 франци), хотели и ресторани (4333 франци), како и лични услуги (3910 франци).
Податоците покажуваат дека сè уште постои голем јаз меѓу заработката кај мажите и жените. Па така, жените на повисоки функции во просек заработуваат 8.221 франци месечно, додека мажите за истата работа земаат 10.553 франци, што е за 22% повеќе. Но, според Даниел Лампарт, кој е секретар на Швајцарската синдикална конфедерација, овој јаз е голем само кај раководните функции.
И покрај ваквите разлики во платите, сепак јазот меѓу подобро и полошо платени работници, полека се намалува. Работници во Швајцарија обично добиваат дополнителна месечна плата во декември, што е всушност се смета како 13та плата во годината.