Сообраќајна казна од една земја ќе важи за сите земји членки на ЕУ

Европската Унија ќе воведе нови правила за регулирање на забраните за возење при сериозни сообраќајни прекршоци. Таквите прекршоци вклучуваат, на пример, возење под дејство на алкохол или дрога, предизвикување тешки несреќи или значително пречекорување на ограничувањето на брзината.

Прелиминарни договори за ова биле постигнати од страна на експерти од Европскиот парламент и владите на земјите-членки на ЕУ, пренесе германската телевизија ARD. Промените треба да стапат на сила откако ќе бидат донесени официјалните одлуки. Ова прашање веќе беше ставено на разгледување од Европскиот парламент во февруари минатата година и беше одобрено од страна на пратениците, по што започна процесот на усогласување на правилата меѓу парламентот и владите на европските држави.

Која е суштината на очекуваните измени? Во моментов, привремената забрана за возење важи само на територијата на земјата-членка на ЕУ во која возачот направил прекршок или доживеал несреќа. Со измените во законодавството, одлуката за забрана за возење донесена во една конкретна земја ќе важи за сите земји од ЕУ. Во овој случај, одговорноста за спроведувањето на забраната ќе ја има земјата-членка во која е издадена возачката дозвола.

Новите правила ќе важат за возачи кои ќе бидат лишени од право на управување со моторни возила три или повеќе месеци. Оваа казна ќе се применува, особено за:
– Надминување на ограничувањето на брзината во населени места за повеќе од 61 km/h,
– Надминување на брзината надвор од населени места за повеќе од 70 km/h,
– Намерни прекршувања на правилата за одржување дистанца на автопатите.

Исто така, три месеци забрана за возење ќе им се изрекува на возачи чија концентрација на алкохол во крвта за време на контрола е над 0,5 промили, како и за преминување железничка пруга на црвено светло или со спуштена рампа.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, најдоброто здравствено осигурување во Германија