Родителите во Швајцарија треба да добијат породилно отсуство од 24 недели, кое ќе биде поделено меѓу двајцата родители – ваква препорака даде Европската комисија.
„Родителското отсуство е инвестиција во иднината на нашето општество, затоа што нуди придобивки истовремено и за децата, и за мајките и татковците, но и за швајцарската економија“, се вели во соопштението на Федералната комисија за прашањата на жените (EKF).
Во моментов, жените во Швајцарија имаат право на најмногу 14 недели платено породилно отсуство по раѓањето на нивното дете. Не постои законски утврдено татковско отсуство, но татковците имаат право да земат еден или два дена „за семејството“, откако нивното дете е родено. Само неколку швајцарски компании нудат повеќе од тоа.
Швајцарија е една од „најскржавите“ земји во Европа кога е во прашање оваа тема. Просечната должина на породилното отсуство во ЕУ е 23 недели, според извештајот објавен во 2014 година од страна на Европскиот парламент. Просекот на татковско отсуство во ЕУ е 12,5 дена, иако некои земји како Шведска нудат многу повеќе од тоа, преку заедничко родителско отсуство кое се дели меѓу мајката и таткото.
„Тоа е од витално значење за подобрување на условите, така што двајцата родителите ќе можат да ги извршуваат своите работни задачи и да се посветат на кариерата, а истовремено да не го запостават семејството“, се вели во соопштението на EKF.
Предлогот е во тие 24 недели породилно отсуство, да биде утврден и минимален период резервиран за татковците, што секако ќе биде регулирано со закон. Ова, како што наведе Европската комисија, има за цел да го зајакне присуството на татковците во семејниот живот. Заедничкото родителско отсуство, ќе помогне да се разбијат стереотипите во однос на улогите на мажите и жените во професионалниот живот и згрижување на семејството, се додава во соопштението.
„Искуството на скандинавските земји покажува дека поделеното родителско отсуство, јасно придонесува за присуство на жените на пазарот на труд“, се вели во соопштението. Според моменталната состојба, татковското отсуство треба да биде платено со 80% од платата, максимум до 196 франци дневно.
Пјер-Андре Вагнер, потпретседател на EFK, вели дека извештајот на Комисијата има за цел да го стави родителското отсуство на политичката агенда, за да предизвика јавна расправа, а со тоа да се зголеми јавната и политичката свест за овој проблем. Комисијата нема директно влијание врз законодавството на Швајцарија, но Вагнер се надева разговорите со пратениците од парламентот, ќе вродат со плод и ќе бидат преземени мерки по ова прашање.
За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Швајцарија