Со промената на власта во 2022 година, се појави идејата за промена на законот во насока на полесно добивање германско државјанство, така да и самиот почнав да се подготвувам за тоа. Еден од предусловите е да се положи тест за познавање на германската историја, социјално и политичко уредување – наречен Einbürgerungstest – буквално преведено: тест за натурализација, бидејќи со полагање на германско државјанство стануваш натурализиран државјанин на Германија. Во овој текст ќе пишувам за него.
Веднаш да ви кажам дека самиот тест е прилично едноставен и не е некоја филозофија, а мислaм и дека тестот е најлесниот предуслов од сето она што ви треба. Во изминатите години, процентот на успех е помеѓу 98,2 и 98,8% од апликантите – значи единствено ако не се пријавите, нема да положете ?
Тестот се состои од заокружување на 33 прашања
Тестот е за заокружување и се состои од 33 прашања. Имате 60 минути да одговорите. Секое прашање има 4 можни одговори и само еден е точен. Треба точно да одговорите на 17 или повеќе прашања за да положете.
Тестот секако е на германски јазик и ви треба најмалку Б1 ниво за да го разберете, но не е услов да сте го положиле германскиот јазик пред да го полагате тестот.
Од тие 33 прашања, 30 прашања се поврзани со Германија во целина.
- Животот во демократија
- Историја и одговорност
- Човекот и општеството
Останатите 3 прашања се поврзани со републиката каде што го полагате тестот.
Аплицирање за Einbürgerungstest – чекањето за термин може да потрае неколку месеци
Како и со сите термини во Германија, чекањето за термин за Einbürgerungstest во последно време е доста долго – треба да резервирате приближно 2-3 месеци однапред – барем тоа е моето искуство во Минхен, додека еден пријател во Берлин доби термин за 5 месеци.
Тестот се закажува во местото каде што сте пријавени на адреса.
За да најдете каде да се пријавите, посетете ја веб страната Einbürgerungstest-online, изберете ја вашата покраина и видете во која институција можете да го полагате тестот – или едноставно прогуглајте „Einbürgerungstest (име на вашиот град)“.
Цената на тестот моментално е (февруари 2022) 25€ и истата е без разлика каде го полагате тестот. Плаќањето се врши онлајн, кога ќе се регистрирате, а откако ќе се пријавите ќе добиете е-маил со потврда за датумот и адресата каде што ќе се одржи тестот.
Подготовка за тестот – Вежбајте од вашиот телефон или компјутер за Einbürgerungstest
Да повториме, Einbürgerungstest се состои од 2 групи прашања – 30 прашања се поврзани со Германија, а другите 3 се поврзани со републиката каде што го полагате тестот.
Првите 30 прашања се влечат од збир со 300 прашања поврзани со Германија, додека останатите 3 прашања се блечат од базен со 10 прашања поврзани со републиката во која го полагате тестот. Прашањата се поврзани со некои елементарни работи од германската историја (на пр. кога се урна Берлинскиот ѕид), од политиката (на пр. како е целосното име на партијата ЦДУ или колку гласови и се потребни на партијата за да го помине цензусот) , и од општественото уредување (на пр. каков е форматот на државната организација на германската држава).
Прашањата се однапред познати (како и нивните одговори секако) така да можете да вежбате дома пред тестот. За тоа ви требаат од неколку часа до 3 дена – во зависност од вашето претходно знаење.
Постојат различни апликации и веб-страници со прашања и одговори, некои се подобро направени, некои полоши, но целта за сите е иста – неколку пати да ги поминете сите можни прашања – а тие се исти на сите сајтови.
Еве два примери што ги користев за да се подготвам за тестот:
Совет: Изберете група прашања за конкретната република каде што го полагате испитот.
Кликнете на линкот за да видите пример за вистински Einbürgerungstest.
Полагањето на Einbürgerungstest трае 60 минути
На полагањето, задолжително понесете документ за идентификација со вас (на пр. пасош и дозвола за престој). Ви препорачувам да пристигнете најмалку 15 минути пред испитот, за да можат надлежните да ве најдат на списокот и да ве однесат во просторијата каде што го полагате.
Според моето искуство, седите сами во клупа. Откако сите ќе пристигнат, дежурниот ги собира мобилните или ви вели да ги ставите во проѕирни кеси на масата. Потоа ви се даваат прашања и имате 60 минути да одговорите на нив, по што организаторите ги собираат тестовите.
Ако завршите, секако дека можете и порано да ја напуштите просторијата.
Во некои случаи, можно е да бидете изземени од тестот
Доколку сте посетувале курс за интеграција и сте го положиле тестот наречен „Leben in Deutschland“, односно „живот во Германија“, тогаш можете да го поднесете овој тест наместо Einbürgerungstest кога ја поднесувате вашата апликација за германско државјанство.
Исто така, ако сте завршиле „соодветно образование во Германија“ може да бидете изземени.
На пример, еден пријател кој ги заврши своите додипломски студии во Германија на англиски јазик, бил изземен од тестот во Хамбург. Од друга страна, друг пријател во Берлин, кој ги завршил и додипломските и магистерските студии во Германија, не бил ослободен. Образложението во Берлин беше дека „соодветно образование“ значи диплома за средно образование, а не високо образование.
Исто така, може да бидете ослободени врз основа на одреден број години или болест, но тоа се поконкретни случаи за кои се потребни објаснувања или адвокат. Тестот е повеќе од лесен за полагање, па затоа советот е да го полагате тестот наместо да барате начин да се ослободите од него.
Чекањето на резултатите од тестот може да потрае до 3 месеци
Конечно, има еден „интересен“ детал – резултатите од тестот се чекаат 3 месеци, т.е. 12 недели.
Совет: Бидејќи тестот нема рок на траење, всушност можете да се регистрирате и да го положите пред да ја поднесете вашата апликација за германско државјанство. Ова ја намалува можноста за пролонгирање на процесот за добивање државјанство поради чекање термин за Einbürgerungstest како и чекање на неговите резултати.
По пошта ќе добиете сертификат за положен испит или информација дека не сте го положиле тестот. Ако сте положиле, со таа потврда можете да ја пополните апликацијата за германско државјанство.
Се надевам дека ова ќе ви помогне!
Со среќа! ?
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.