Henley & Partners секоја година врши глобално рангирање на држави според слободата на патување што граѓаните ја уживаат. Анализирајќи ги прописите за визан режим на сите држави и територии во светот, креираат индекс кој ги рангира земјите според тоа во колку држави граѓаните можат да патуваат без потреба од виза. Листата е направена во соработка со Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај, која ја поседува најголемата датотека со патни податоци.
На врвот на оваа листа се наоѓаат Финска, Германија, Велика Британија, Шведска и САД чии граѓани можат да патуваат во дури 174 држави во светот без виза. На второто место се Канада и Данска, со пристап до 173 држави, а зад нив се Белгија, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија и Шпанија, со слободен пристап до 172 држави.
Од земјите од регионот, најдобро котира Словенија – нејзините граѓани можат слободно да патуваат во 160 земји, што ја става оваа држава на 12 место. Бугарија е на 18-та позиција со слободен влез во 149 држави, Хрватска е на 22 место, чии граѓани можат да патуваат во 138 држави, додека пак Србија е на 35 место со пристап до 107 држави. Веднаш зад нив е и Македонија, на 36 место, со пристап до 106 држави. Црна Гора е на 39, Босна и Херцеговина е на 42, а Албанија на 45 место.
Што се однесува до глобалната слика, на дното од листата се наоѓаат Пакистан, Сомалија, Ирак и Авганистан, кој е на 94 место и има пристап до само 28 држави.