Постојат лоши политики, и постојат стварно лоши политики. Се прашував кога ќе се појави идејата за воведување на контроли на цените како средство за спречување на инфлацијата, и ете ја, се појави на последниот самит на Г7 лидерите.
Звучи едноставно, нели? Соочен со инфлација вон контрола, се што треба да направиш е да ги ограничиш цените кои им се дозволени на производителите да ги наплаќаат и проблемот го снемува.
Само што не е така. Контролата на цените и платите беше обемно користена и во Британија и во САД во 1970, и тие не функционираа тогаш, и нема да функционираат сега.
Американскиот економист Милтон Фридман објаснува зошто:
„Ние економистите не знаеме многу работи, меѓутоа знаеме како да создадеме недостаток. На пример ако сакаш да создадеш недостаток на домати, само донеси закон дека продавачите не можат да ги продаваат доматите поскапо од 2 центи по фунта. Веднаш ќе имаш недостаток на домати. Истото е и со нафтата и гасот.“
Нема некоја поента да ги направиш нелегални високите цени ако крајниот резултат од тоа се затворени бензински станици и празни полици во супермаркети.
Меѓутоа ако го издржиш инфлацискиот шок, со тек на време тој ќе создаде поголем обем на залиха и цените пак ќе паднат.
Ова е најосновната лекција по економија која изгледа нема некое посебно влијание врз размислувањето на Емануел Макрон. Тоа што започна како предложено ограничување на цената на рускиот гас и нафта, одеднаш – и на изненадување на најголемиот производител во светот, САД – во умот на францускиот претседател магично се преобрази во контрола на цените на целосното производство на нафта и гас.
Ова никогаш нема да успее, меѓутоа на еден начин или друг, оваа идеја успеа да се довлече до крајното коминике од Г7 самитот, во кое пишува „Ние веднаш ќе преземеме мерки за обезбедување на енергенси и намалување на цените предизвикани од вонредните пазарни услови, вклучително и истражување на дополнителни мерки како ограничување на цената.“
Претпоставувам дека коминикето под ова го подразбира само рускиот извоз на енергенси, бидејќи е тешко да се види како и тоа би можело да функционира, а не па да се воведе на целиот пазар. Се уште немаме светска влада, без разлика колку лидерите на Г7 сакаат така да се гледаат себе си, па затоа и воведувањето на таков режим би бил невозможен.
Некои држави навистина ја контролираат продажната цена на енергијата – главно на Блискиот исток и Латинска Америка. Меѓутоа да кажеме дека нема да дозволиме горивото да биде продавано над одредена цена не само што е извонредно скапо за владите и продавачите кога цените на големо се високи, туку е прилично различно од сегашниот предлог да се одбие купување по цена повисока од дефинираната.
Одговорот од производителите би можел да биде едноставно да одбијат да продаваат, што е сосема возможно да се случи со руското снабдување на Европа ако на купувачите не им биде дозволено да плаќаат по пазарна цена. Ако тоа е одговорот, тој ќе ги вивне цените уште повисоко.
Плус, типот на ограничување на цената што е замислен може да биде и неподнослив за производители со ниски трошоци како Саудиска Арабија, бидејќи повисоката цена на производство ќе им биде неисплатлива. Во време кога Западот фуриозно се обидува да најде алтернативи на руската енергија, ова изгледа посебно глупо.
Ништо од ова не е за да се негира обемот на проблемот со кој се соочува Г7. Санкциите против Русија добро издржуваат, меѓутоа еден од ефектите од нив е што ги лансираа цените на енергијата и храната, на начин на кој некогаш е тешко да се утврди за кого се тие најштетни, за Русија или за Западот.
Во секој случај, Путин добива многу повеќе за својот извоз на нафта и гас отколку што би можел да се надева. Рускиот деспот се уште е полн пари, дури и со сериозниот попуст што го дава за продажба на азиските пазари, па затоа и нема некој тешкотија за да продолжи да ја финансира својата војна во Украина.
Сметководствено Русија моментално е во масовен суфицит, а последователно и рубљата е силна. Москва во пракса неделава не успеа да ја плати ратата од надворешниот долг, меѓутоа тоа нема никаква врска со нејзината неможност да плати. Туку затоа што санкциите го спречија исплаќањето. И затоа е донекаде бесмислен „дифолт“.
Тажната вистина е дека санкциите не функционираат на начинот на кој се надевавме. Путин прогресивно ги губи своите западни пазари, но во оваа фаза тоа не е важно бидејќи рекордните цени му обезбедуваат компензациски награди. Во исто време, санкциите сериозно придонесоа кон политички дестабилизирачки цени на живеење низ Западниот свет. Путин разумно може да тврди дека ја добива економската војна, дури иако во физичката е во пат ситуација.
Намерата на Г7 е прилично едноставна – да се намали количеството пари што влегува во Русија а истовремено да се ограничи една од главните причини за растечката инфлација. Сепак, дури и да е возможно меѓународно да се воведат такви контроли, долгорочните последици врз снабдувањето ќе бидат длабоко негативни.
Одреден број инвеститори веќе се заканија дека ќе ги прекинат ветените нови инвестиции во нафта и гас во Северното море, заради воведувањето на еднократен данок на добивка од Британија. Ограничувањето на цената ќе го има речиси истиот ефект, ама во поголем обем, дополнително поткопувајќи ги напорите за поголема енергетска безбедност.
Дури и пред пандемијата, политички инспирираните таргети за „нула нето загадување“ предизвикаа зголемен одлив од инвестиции од нафта и гас.
Намалената побарувачка за фосилни горива за време на пандемијата дополнително ги намали инвестициите дури и за одржување на сегашните капацитети, а не па за дополнителните капацитети кои сега се бараат од индустријата за да обезбеди алтернатива на руската енергија.
Пред неколку недели Белата куќа ги поттикна американските рафинерии да ја извршат својата „патриотска должност“ со зголемување на своите капацитети и намалување на цените. Тука очигледната контрадикција мина без едвај кој да ја забележи. Малку е веројатно да го зголемиш снабдувањето ако во исто време се обидуваш да ја контролираш цената.
Русија секако би можела да ја прифати опцијата дека ограничена цена е прифатлива ако тоа значи дека европскиот и останатите меѓународни пазари ќе останат отворени за нивниот извоз. Меѓутоа ова само ќе нè врати таму каде што сме, финансиери на нелегална војна која исто така ја осудуваме. Како и да погледнеш, идејата за ограничување на цената едноставно не е паметна.