На Германија ѝ се потребни доселеници од Балканот

Проблемот со зголемениот број бегалци од земјите од Западниот Балкан отвори широка дискусија во Германија. Бројни се гласовите кои сметаат дека доселениците треба да се задржат и да им се даде шанса да работат.

„Во германската политика постои нов страшен збор и тоа е ’Западен Балкан’. Деновиве тој збор го означува сето она што не функционира во германската политика на азил. Тој важи за секој од 31 илјади Косовци, 21 илјади Албанци, 16 илјади Срби и 7 илјади Македонци кои само во првите шест месеци од годинава побараа азил во Германија“, пишува во неделното издание „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Германската политика сега крои планови како да ги подели азилантите во две групи: оние од Балканот, кои најчесто немаат шанси да добијат азил- во една, и бегалците од воените зони како Сирија и Ирак на кои барањата за азил им се одобруваат- во друга група.
Но експертите кои ги цитира ФАЦ го сметаат тоа за погрешно.

„Експертите сметаат дека Германија може да има полза и од бегалците од земји како Србија или Албанија. Тие сметаат дека хуманитарниот аргумент кој се користи за прифаќање на Сиријците не е аргумент против отворањето на границите за доселеници од европското соседство, чии можности за интеграција се патем и поголеми“. Во прилог на тоа за ФАЦ говори и Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на трудот и професиите од Нирнберг, кој заедно со своите колеги во една обемна студија утврдил дека бегалците од балканските земји имаат предност во однос на другите во однос на степенот на познавање на јазикот и нивото на квалификации.

Брикер предлага нов модел за бегалците од Балканот, според кој на оние кои сакаат да останат ќе им се дозволи да го сторат тоа доколку добијат потврда за добиено работно место во земјата.

ФАЦ ја анализира и одбивноста на германската политика кон бегалците од Балканот и низ историска призма: „Некогаш беше поинаку, а она што денеска навредливо се нарекува ‘Западен Балкан’, порано беше познато како ‘Југославија’. И самиот избор на зборови ја сигнализира желбата на политиката да го држи регионот на дистанца. Југославија остана во сеќавањето на Германците по морето, ќебапчињата и добро интегрираните гастарбајтери. Западниот Балкан значи граѓанска војна, хаос, бегалци од сиромаштија – и една пропадната стратегија за Западниот Балкан на ЕУ“, заклучува ФАЦ.

Повторно воведување визи
Наспроти ваквите залагања, сè погласни се и барањата за повторно воведување визи за граѓаните од Западниот Балкан. Извршниот директор на Здружението на градови и општини, Герд Ландсберг бара повторно воведување визи за земјите од регионот и ширење на листата на земји со „сигурно потекло“.
„Воведувањето на визниот режим може да биде еден чекор со кој би се ограничила имиграцијата“, вели тој за „Ди Велт“ и бара Албанија, Црна Гора и Косово исто така да се прогласат за сигурни земји.

Премиерот на покраината Баден Виртемберг, Винфрид Кречман, се согласува со тој потег, но само доколку се докаже дека претходното прогласување на Србија, Македонија и БиХ како сигурни земји довело до намалување на бројот на баратели на азил од овие земји. Но Кречман се залага и за олеснување на имиграцијата од Западниот Балкан, односно за „имиграција по мерка“. „Би можеле да формираме коридори за дефицитраните занимања како што се на пример негуватели. Западниот Балкан и‘ припаѓа на Европа и мора да биде стабилизиран“, вели Кречман за ФАЦ.

Извор: dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија